Наместо предвремени избори, сега попаметно е опозицијата да вложи напори и да учествува и во измени на Уставот, вели вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ.

– Секој да се постави одговорно кон оваа државна задача и да ги надминеме партиските разлики. Овој пат нема да биде ниту Грција, ниту Франција со нова методологија, ниту пак Бугарија која ќе стави вето, вели Маричиќ во интервјуто за Капитал.

Тој ја „советува“ опозицијата како да работи оти, како што наведува може „самите да се блокираме на европскиот пат“.

Маричиќ е самоуверен дека „доколку ги завршиме уставните измени, имаме шанса многу побрзо да одиме кон ЕУ“.

Според Маричиќ внесувањето на Бугарите во Уставот не е на штета на никого, а и содржински измената нема ништо спорно и е неспоредлива со уставните измени за промената на уставното име на Македонија.

– Имаме време до ноември 2023 година, кога завршува скринингот, да ги завршиме уставните измени. Како Влада и како мнозинство во Собранието работиме на создавање поволна атмосфера, за да дојдеме до тие две третини гласови кои ќе поддржат уставни измени, вели Маричиќ.