Преку институционална комуникација се прават обиди да се менаџираат и провокациите и проблемите, кои што произлегуваат околу организацијата на 4 февруари, но и провокациите кои секојдневно доаѓаат од поединечни политичари од Бугарија, изјави денеска вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ, посочувајќи дека во комуникација се премиерите, шефовите на дипломатиите, а денеска има и средба меѓу министрите за внатрешни работи од двете земји.
Според Маричиќ, доколку продолжиме да комуницираме институционално и да држиме принципиелна позиција за заштита на нашиот државен и национален интерес од една страна, но и заштита на добрососедските односи и на евроинтегративниот пат, нема да имаме потреба, ниту причина да се грижиме, бидејќи, како што рече, сите обврски и наши и на Бугарија се запишани во заклучоците од Советот на министри и во преговарачката рамка.
Проблеми имало и ќе има, смета Маричиќ, но како што сега сме поставени, не треба да се грижиме. Дали ќе има понатаму простор за грижа, посочи тој, тоа ќе го видиме понатаму доколку има дополнителни изјави и заострување.
– Ние, со ниту една причина не дадовме повод за сериозна реакција, ниту пак за таква реакција, каква што следеше и затоа е битно да комуницираме со бугарските институции за да не дојде до ескалација или дополнителна ескалација повеќе од ова. С. Македонија не даде никаква причина за ова, со оглед дека институциите навремено реагираа, истакна Маричиќ, во изјава за медиумите по завршувањето на првиот панел од денешната конференција „Година на нови можности“, во организација на Владата.
Во однос на заканите за враќање на ветото од страна на Софија, Маричиќ рече дека тоа многу повеќе го гледа како предизборен контекст во Бугарија, отколку како реална можноста, бидејќи за тоа, како што рече, нема причина.
– Ние јасно ги исцртавме условите под кои ќе се случи втората меѓувладина конференција. Тие услови претпоставуваат спроведување на уставните измени и завршување на скринингот и усвојување на скрининг извештајот. Ние сме фокусирани на тие приоритети и на тие прашања. Бугарија не би требало надвор од тие прашања да отвора какви било теми, изјави Маричиќ.
Нема да и е едноставно, смета вицепремиерот за европски прашања, на било која држава да блокира поради контекстот во кој се наоѓаме.
– Според мене, најдобра стратегија е да си ги исполнуваме нашите обврски, така како што се запишани во документите. Во тој случај нема да направиме грешка. Но, секако во секој даден момент да ги браниме нашите позиции и достоинството на нашите институции и граѓани, изјави Маричиќ.