Вицепремиерот задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ денеска заедно со владината делегација предводена од министерот за надворешни работи Бујар Османи присуствуваше на состанокот на меѓувладината комисија, по кој беше потпишан Протоколот.
– Денес отворивме европско поглавје во односите со соседна Бугарија. За стратешките и важни прашања нема друга алтернатива освен компромисни решенија кои ја враќаат довербата и градат партнерства и сојузништва, рече Маричиќ.
Тој смета дека со потпишувањето на Протоколот, Договорот за пријателство и добрососедство веќе добива нов дух, а Бугарија станува наш партнер и сојузник на европскиот пат, што било потврдено и на состанокот на меѓувладината комисија.
– Секторските групи продолжуваат да работат и во следниот период ќе се фокусираат на заедничко делување во менаџирањето и надминувањето на кризите со кои се соочуваме. Имаме здрава и цврста основа да го продолжиме дијалогот во позитивна атмосфера, достоинствено чекорејќи кон ЕУ, истакнал Маричиќ на состанокот.
Од Секретаријатот за европски прашања велат дека владините претставници од двете држави имале конструктивна средба во пријатна и пријателска атмосфера со силно изразена политичка волја од двете страни за успех во евроинтеграцискиот процес и интензивирање на соработката помеѓу двете држави.