Државите членки на ЕУ даваат силна и недвосмислена поддршката за нашето продолжување на преговорите за членство во Унијата и за брз напредок во евроинтегративниот процес, порача денеска вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ по брифингот во Брисел со Работната група за проширување и земји кои преговараат за пристапување во ЕУ (КОЕЛА).
– Работиме да ги доближиме вредностите и придобивките од ЕУ до граѓаните, е пораката која денеска ја пратив на состанокот со делегатите на земјите членки од работната група за проширување во Советот на ЕУ, КОЕЛА. Правиме заеднички напори за време на шпанското претседателство процесот да влезе во нова, напредна фаза и С. Македонија да продолжи кон полноправно членство во ЕУ, наведе Маричиќ на Фејсбук.
Претставниците на државите членки на ЕУ во работната група КОЕЛА, како што информираат од СЕП, ја потврдија силната и недвосмислена поддршка која нивните држави ја даваат за нашето продолжување на преговорите со ЕУ и брз напредок во евроинтегративниот процес.
Покрај краткото излагање за скрининг процесот и очекувањата, на состанокот вицепремиерот се надоврза на подготовката и содржината на стратешките документи, патоказите, како и на реформите во правосудството и борбата против криминалот и корупцијата.
Стана збори и за јавното мислење на македонските граѓани за преговарачкиот процес, за што Маричиќ посочи дека забрзувањето на процесот и давањето опипливи резултати и пред членството во ЕУ се најдобриот механизам за враќање на довербата во пристапните преговори со ЕУ и за брз развој на нашата држава.
На прашање на делегатите од работната група за проширување на Советот на Европската Унија, КОЕЛА, Маричиќ се осврна и на односите со Бугарија, посветеноста на добрососедските односи и соработката со цел зајакнување на регионалната стабилност, како предуслов за напредок кон полноправно членство во ЕУ.
Вицепремиерот зборуваше и за предизвиците со кои се соочува Владата во испораката на обврските кои произлегуваат од јунските заклучоци од 2022 година на Европскиот совет. Во тој контекст Маричиќ посочи дека за успех во преговорите со ЕУ е потребен конструктивен дијалог и консензус од сите, изразувајќи очекување дека час поскоро секој еден политички актер ќе ја разбере важноста и итноста да останеме во пристапните преговори.
Претходно денеска, Маричиќ присуствуваше на состанокот од билатералниот скрининг за Поглавје 13 – „Рибарство“, на кој во фокусот на агендата се развојот на политиките и степенот на усогласеност на македонското со законодавството ЕУ во секторот рибарство.
Вицепремиерот Маричиќ престојува во работна посета на Брисел, во чии рамки учествуваше на Форум „Глобална порта“, каде имаше обраќање на лидерската сесија за образование и истражување „Посилни заедно преку одржливи инвестиции“, а имаше средби и со претставници на Европската комисија на кои главни теми беа актуелните политички настани во земјата, скрининг процесот, очекувањата пред објавувањето на Извештајот за напредокот, посветеноста на ЕУ да се создаде погодна средина за нејзино проширување до 2030 година, како и подготвеноста на Унијата дополнително да го унапреди преговарачкиот процес со Северна Македонија и регионот во наредниот период, што ќе даде јасни и видливи резултати во приближувањето кон блокот.
Како што јави дописникот на МИА од Брисел, Маричиќ изминативе два дена се сретна со еврокомесарите за проширување и за буџет и администрација, Оливер Вархеји и Јоханес Хан, како и со директорот на Генералниот директорат за соседска политика и преговори за проширување при Европската комисија (ДГ НЕАР), Герт Јан.Копман, а во вторникот и со заменикот на генералната директорка за Западен Балкан во Европската служба за надворешна политика (ЕЕАС), Марко Маковец и со главниот советник за надворешна политика на претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, Симон Морду.
– Северна Македонија има место во ЕУ, сега е момент за забрзување на пристапниот процес. Со новиот план на ЕУ за забрзана интеграција на Западен Балкан пораката е јасна дека регионот мора да се подготви побрзо за членство во ЕУ и со конкретни чекори суштински да се придвижува кон целосна интеграција во Унијата, порача Маричиќ.
Фото: Фејсбук