Нас не треба да не интересира Бугарија, нас не интересираат нашите граѓаните, како ниту еден граѓанин да не извади веќе туѓ пасош на туѓа држава, па и бугарски доколку не се чувствува како Бугарин, истакна вицепремиерот Бојан Маричиќ за ТВ Сител.

Секогаш, рече Маричиќ во Дневникот на ТВ Сител, сме биле подготвени за компромис кој е во интерес на државата, граѓаните и нашата иднина во ЕУ.

– Ние нудиме да гласаме за уставните измени и веднаш под услови под коишто ВМРО-ДПМНЕ бара, но да бидат реални, а не да влегуваме на нереални условувања за тоа што би направила Бугарија или пак ЕУ.
Реформите и придобивките од членството треба да ни бидат мотивација што поскоро да сме во ЕУ бидејќи тоа ги интересира граѓаните и само европеизација на македонското општество е решение за сите предизвици со кои се соочуваме, рече Маричиќ.

Чекањето подобри времиња, додаде тој, и очекувањето дека ќе преговараме нови услови не е стратегија којашто може да ја однесе државата таму каде што сакаме, туку напротив, стратегија е која би нѐ вратила назад во чекалната на ЕУ.

– Сега треба да се донесе одлука за ЕУ, не е време за избори. Заблудите на ДПМНЕ скапо ќе ја чинат државата, чекањето ќе ги исели младите во Европа, рече Маричиќ во гостувањето во Дневникот на ТВ Сител и пренесе на својот профил на Фејсбук.