Не сакаме во 2030 година кога ќе има прием на нови членови, да се случи ние да не сме меѓу нив, напротив, кога во 2030 година ќе ја чуеме веста дека има нови членки на ЕУ, сакаме С. Македонија да биде една од тие нови членки, вели за МИА заменик- претседателот на Владата Бојан Маричиќ од Атина, каде што учествува на меѓународна конференција посветена на ЕУ перспективата на Западен Балкан.

Во разговор со дописничката на МИА од Атина, вицепремиерот истакна дека вреди да се носат тешки одлуки, иако во моментот на носењето изгледа тешко, сепак тие одлуки може да донесат само придобивки, а паралелно изрази оптимизам дека ќе постои двотретинско мнозинство во Собранието за уставните измени.

Пред почетокот на меѓународната конференција, вицепремиерот се сретна со шефот на грчката дипломатија Јоргос Герапетритис, што воедно беше нивна прва средба по изборите во Грција и промената на министерот за надворешни работи, а Маричиќ за МИА истакна дека разговорите поминале во одлична атмосфера.

-Грчкиот министер испрати јасна и недвосмислена порака дека Грција дава целосна поддршка и продолжува со досегашната поддршка за Северна Македонија и за зачленувањето во Европската Унија. Кажа дека Грција чувствува посебна одговорност во однос на проширувањето на Западен Балкан, бидејќи токму во Солун пред 20 години било дадено ветувањето дека Западниот Балкан има европска перспектива и Грција е практично иницијатор на повторното отворање на оваа дебата за утврдување на јасна временска рамка и за јасни одредници во кој период би се случило тоа проширување. Тоа е за нас охрабрување, рече Маричиќ за МИА.

Со Герапетритис дискутирале и за билатералните односи, за кои вицепремиерот вели дека се одлични и „одат само во нагорна линија по склучувањето на Преспанскиот договор, по решавањето на нашиот билатерален спор и по влезот во НАТО, така што тоа пријателство се гради веќе неколку години има одлични резултати“.

– Заедно заклучивме дека мора да продолжиме во истата насока и дека примерот на Преспанскиот договор и развојот на нашите односи со Грција треба да биде исто така пример и за другите во регионот, но исто така и за нас. Дека вреди да се носат тешки одлуки и во моментов. Дека носењето тешки одлуки може да донесе само придобивки, иако изгледа тешко во моментот на донесување на одлуките, порача вицепремиерот.

За тешките одлуки кои ја очекуваат Македонија на патот кон Европската Унија, на прашањето на МИА дали е оптимист дека Собранието ќе даде зелено светло за уставните измени, Маричиќ вели дека „кога не би бил оптимист не би го работел ова“.

–Целосно сме посветени на остварување на двотретинска поддршка за уставните измени, мислам дека ова што го кажува и грчкиот министер за надворешни работи и што се слуша дека има реална шанса да има ново проширување до крајот на оваа декада, до 2030 година е навистина реална шанса и дека не е само една убава приказна и убави зборови, туку е прилика која што ние не треба да ја пропуштиме. Дали ќе ја пропуштиме или не зависи од нас. Ние се бориме и преку тие тешки одлуки да ја прескокнеме последната препрека и да продолжиме со преговорите за да ни биде таа цел достижна. Не сакаме во 2030 година кога ќе има прием на нови членови, да се случи ние да не сме меѓу нив, напротив, кога во 2030 година ќе ја чуеме веста дека има нови членки на ЕУ, сакаме С. Македонија да биде една од тие нови членки, истакна вицепремиерот во разговорот со дописничката на МИА од Атина.

Маричиќ денеска учествува на меѓународната конференција под наслов „Перспективите за пристап во ЕУ на Западен Балкан во светлината на руската агресивна војна против Украина“ во организација на грчката фондација за надворешна политика ЕЛИАМЕП, а на почетокот поздравен говор упати министерот за надворешни работи на Грција Јоргос Герапетритис, кој уште еднаш ја повтори грчката поддршка за европската перспектива на земјите од регионот.