Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ од Тирана, кадешто се одржува самитот на лидери во рамки на Берлинскиот процес, се огласи со истата оптимистичка порака дека 2030 година е достижен датум за членство на Македонија во ЕУ.
– 2030 е амбициозен но достижен датум, заеднички работиме на таа цел, рече Маричиќ по средбата со еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји.
Како што објави на Фејсбук, заклучокот од работниот состанок со Вархеји бил дека иднината на политиката за проширување е отворена и поставена е цел за која треба и државите од Западен Балкан и ЕУ да се подготват и да ја достигнат.
– Кај земјите членки на ЕУ постои политичка волја и обединетост за европската перспектива на целиот регион. Вархеји порача да го задржиме фокусот на процесот на преговори со ЕУ и на реформите заради македонските граѓани кои заслужуваат да живеат во европска и просперитетна држава, додава Маричиќ во објавата.
ЕУ, според него, веќе има суштински предлози, со таканаречениот план за раст кој вистински ќе ја забрза не само институционалната, туку и економската интеграција.
– Целта е да го забрзаме проширувањето и до 2030 да успееме сите да ги исполниме обврските, за да го завршиме обединувањето на Европа и да ја обезбедиме нејзината стабилност и развој, вели Маричиќ кој на Самитот во рамки на Берлинскиот процес е заедно со премиерот Димитар Ковачевски.
На денешната средба на Ковачевски со Вархеји беше истакнато дека „С. Македонија, како партнер од доверба и земја која последните шест години направи огромен исчекор во возобновување и развој на демократијата и демократските процеси, треба што поскоро да е дел од Европската Унија“.
Како што соопшти владината прес-служба, на средбата на која како дел од владината делегација учествува и вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ, соговорниците размениле мислења и информации за актуелните политички состојби во Македонија, поврзани со продолжувањето на европскиот пат на земјата и чекорите и одлуките кои треба да се преземат за да се обезбеди продолжување на евроинтеграциите и конечно полноправното членство на земјата во Европската Унија, а согласно утврдената Преговарачка рамка со ЕУ, се наведува во соопштението.
-На средбата, се дискутираше и за Планот за раст на Европската комисија, кој што е оценет како добра шанса за С. Македонија и нашите граѓани кои со овој план ќе почувствуваат дел од придобивките од членството во ЕУ уште пред да станеме членка. Како што беше разговарано, со овој план сме поблиску до целта, членство на С. Македонија во ЕУ до 2030 година, се наведува во соопштението.
На средбата, се посочува, премиерот Ковачевски истакна дека фокусот на Владата е насочен кон перспективата за членство во ЕУ и дека Владата останува посветена на европската агенда, имајќи го предвид фактот дека за членството во ЕУ има висока поддршка од граѓаните. Соговорниците изразија надеж дека сите политички чинители ќе ја имаат предвид неповторливата шанса за придвижување на земјата напред и ќе го исполнат барањето на граѓаните, земјата да стане полноправна членка на ЕУ.
-Премиерот Ковачевски истакна дека процесот на евроинтеграции не треба да се блокира, пред сѐ, имајќи предвид дека тоа е спротивно на волјата на граѓаните, но и поради фактот дека стопирањето на евроинтеграцискиот процес поради неисполнување на обврските од преговарачката рамка, ќе ги закочи и сите процеси на економски и социјален развој неопходни за приближување на македонското општество до европските стандарди на живот, стои во соопштението од владината прес-служба.
За време на Самитот предвидено е премиерот Ковачевски да оствари средби со канцеларот Олаф Шолц, со претседателката на Европската банка за обнова и развој, Одил Рено-Басо и со потпретседателката на Светската Банка за Европа и Азија, Антонела Басани.
Берлинскиот процес се развива со поддршка на Европската комисија, меѓународните финансиски институции, земјите членки на ЕУ вклучени во процесот – Германија, Франција, Австрија, Бугарија, Хрватска, Италија, Словенија, Грција и Полска, како и Обединетото Кралство, заедно со шесте земји од Западен Балкан.