Во иднина поштенските пратки од Скопје до Софија нема како досега да патува преку Белград, вели вицепремиерот Бојан Маричиќ.

Тој ова го изјави во интервјуто за порталот Нова, во кое говори за забрзаните разговори меѓу Македонија и Бугарија, меѓу кои и за соработката на македонската и бугарската пошта.

– Поврзувањето и соработката подразбираат и брза комуникација, брз проток на производи и брза размена на пратки и информации. Јас сум задоволен што двете пошти за краток период покажаа сериозен напредок и стигнаа до потпишување Меморандум за поштенска соработка кој опфаќа развој на меѓународните поштенски услуги и е-трговија. Она што за граѓаните ќе биде вистинско олеснување кога е во прашање намалување на времето потребно за една пратка да стигне од кај нас до Бугарија, е тоа што двете пошти работат на решение пратките директно да се упатуваат кон Бугарија, а не преку Белград како што било до сега, со децении. Тоа ќе го промениме во интерес на полесна и побрза комуникација меѓу граѓаните и фирмите и во интерес на европските слободи за непречен проток на стоки, услуги, добра и луѓе, вели Маричиќ.