Нема да се откажеме од обидите да ги усвоиме уставните измени до крајот на мандатот на ова Собрание и оваа Влада. Важно е тоа да биде оваа година за да го фатиме оној процес на креирање на нов пакет за следно проширување на ЕУ и за да го фатиме тој пакет заедно со Украина, Молдавија, државите од Западен Балкан да останеме во истиот колосек со Албанија како и досега. Она што може единствено да биде на маса е на кој начин и под кои услови да се изгласаат уставните измени, изјави вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ по брифингот со новинарите.
Тој на брифингот со новинарите посочи дека носењето уставни измени е шанса што не смееме да ја пропуштиме, а дали ќе успееме на крај, како што вели, зависи од пратениците, додавајќи е дека е оптимист за нивно усвојување до крајот на годината.
-Она што покажавме на дело е дека Владата навистина е подготвена за сериозни и суштински разговори со опозицијата на кој начин да дојдеме до решение за гласање на уставните измени. Понудивме и политички формат во којшто опозицијата би учествувала во Владата, понудивме и можност за донесување дополнителни гаранции за нашите институции за тоа како да се однесуваат во преговорите, но нашето инсистирање е се да остане во рамките на преговарачката рамка и на возможното. Да не си поставуваме сами себе невозможни услови коишто утре ќе ни бидат проблем да ги исполниме. Затоа е битно, ние сме спремни за дијалог и отворено транспарентно и неформално за секој тип на разговори, а секако странското присуство тука е постојано, рече Маричиќ.
Тој потсети дека во изминативе месеци земјата ја посетија голем број министри, државници, претседатели на држави, премиери и сите ја испратија истата порака за усвојување на уставните измени со цел продолжување на европскиот пат, и изрази уверување дека е можно да се постигне тоа без да има потреба од посредништво.
-Имаме заинтересирани стратешки партнери, пријатели коишто се заинтересирани овој процес да помине и тоа е во интерес на нашите граѓани и затоа ние како Влада сме отворени за секаква иницијатива за разговор. Мислам дека нема потреба од посредство доколку има добра волја, затоа што аргументите се веќе долго време на маса. Ние една година разговараме за овој предлог и за како да се реализира. Сметам дека може да дојдеме до решение доколку сме искрени и доколку сакаме да направиме нешто добро за државата. А секако ќе дојде време и за избори, ќе дојде време и за различни мислења, ќе дојде време и за политичка војна. Тоа е неминовно во демократија. Но, важно е сега да не видат граѓаните дека можеме да направиме нешто заедно за нив, нагласи вицепремиерот.
Тој посочи дека од крајот на август по одморите, се очекува да продолжат посетите на странски државници, за кои вели дека се важни. Како што истакна, има и некои задолжителни формати како што е одржувањето на Брдо-Бриони процесот на претседателите од целиот регион, а за во октомври најави и посета на претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен која ќе оствари тура низ регионот.
Во однос на можноста за нова лидерска средба, Маричиќ нагласи дека поканата за разговор е постојано отворена и сега нема идеја ниту намера за лидерска средба, меѓутоа канал за комуникација постои и треба да постои. Но, ја остави можноста за тоа отворена, доколку се појави потреба и има желба за лидерска средба од страна на опозицијата.
Вицепремиерот оцени и дека какво било пролонгирање на уставните измени би било на наша штета.
-Не би било добро какво било пролонгирање, тоа би било на наша штета. Значи, не е проблем. Меѓутоа, имајте предвид дека по Нова година ќе започнат процедурите за претседателски избори. Претседателските избори се врзани со рок. Сегашниот мандат на Пендаровски истекува на 12 мај и дотогаш треба да биде избран нов претседател, така што во најмала рака ќе бидеме преокупирани со тоа. Да не заборавиме дека има на почетокот на јуни избори за Европски парламент во ЕУ и едноставно фокусот ќе биде на друго место. Нашата цел е да останеме во фокусот, а тоа е можно само ако ги завршиме нашите обврски до крајот на скринингот и со крајот на оваа година да ги пречекаме одлуките за отворање на кластерот, вели Маричиќ.
Според него, клучниот ангажман е токму да се поклопат тајминзите како што е запишано во заклучоците на ЕУ, во преговарачката рамка и во сите документи, а тоа е во текот на месец септември да биде усвоен извештајот за скринингот за првиот кластер и да ни биде доставена покана за доставување на патоказите, потоа веднаш да се пристапи кон изготвување на патоказите. Потоа, доаде, ќе треба да го видиме скрининг извештајот и да го надополниме тоа што недостасува, но ние, како што рече, патоказите ги работиме на основа на познати документи – нашите записи од скринингот, извештаите на ЕК, извештаите од поткомитетите, извештаите од оценските мисии.
-Значи, очекуваме и во тие рамки да се движи скрининг извештајот. Доколку има некакви разлики секако ќе ги имплементираме во патоказите и веднаш ќе ги испратиме. Целта ни е да ги имаме патоказите до крајот на месец септември. Идеално би било до тогаш и ЕК да донесе одлука за усвојување на скрининг извештајот и да не покани да ги доставиме и ние во краток период да ги доставиме, тие да бидат разгледани и усвоени до крајот на годината. Така што, во моментот кога ќе бидат усвоени патоказите се исполнуваат условите за отворање на кластерот. Секако наш дополнителен услов се и уставните измени. Доколку тоа го комплетираме до крајот на месец ноември практично ќе се поклопат добро календарите и на уставните измени и на работата околу патоказите и скринингот. Имаме три практично комплетирани задачи – завршен скрининг, завршени уставни измени и усвоени патокази од страна на Советот и тоа ќе овозможи непречено, автоматски без никакви други дискусии да го отвориме кластерот, дециден е Маричиќ.
Она на што ќе инсистираат, вели, е да нема нови временски јазови или дополнителни пречки за отворање на првиот кластер.
-Нема да дозволиме да се создаваат крупни временски јазови, паузи или, пак, нови барања или нови процеси освен она што ни е веќе напишано во преговарачката рамка и затоа и работиме и со ЕК и со државите членки да се поклопат овие календари, поирача вицепремиерот Маричиќ.