Со изменетиот, пречистен, дополнет француски предлог, го добивме она за што се бориме со години – чиста формулација на македонскиот јазик, без никакви фусноти, ѕвездички или објаснувања, што за нас беше најважно во зачувувањето на нашите национални интереси, вели вицепремиерот задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ во ексклузивно интервју за белградски „Блиц“.
– Успеавме да го заштитиме македонскиот јазик, како што ветивме. Граѓаните немаат за што да се грижат, македонскиот јазик со овој предлог станува еден од идните официјални јазици на Европската Унија. Заштитувајќи го македонскиот јазик, најдиректно ја обезбедуваме заштитата на идентитетот на македонскиот народ, наведува Маричиќ.
Како што јави дописникот на МИА од Белград, одговарајќи на прашање на „Блиц“ за ставот на опозицијата „за постоење на две сценарија за вечни преговори со ЕУ или асимилација под диктат на Бугарија“, Маричиќ порачува дека францускиот предлог за надминување на спорот Скопје-Софија има две сценарија – почеток на преговорите со ЕУ и реална можност полесно и побрзо да се излезе од лавиринтот за да се решат отворените прашања со Бугарија.
– Добивме предлог кој ги исполнува сите наши приговори и затоа мислам дека вреди сериозно да се разгледа. Со францускиот предлог и личното вклучување на претседателот (Емануел) Макрон во целиот овој процес, беше потврдено дека Брисел има волја и желба С. Македонија и Албанија да започнат преговори, нагласува Маричиќ, наведувајќи дека другото сценарио би било да се одбие тој предлог и да се чека некој друг, нов, што би дало нова шанса за нови барања од Бугарија и да го усложни целиот процес, особено сега, кога Бугарија е пред избори и кога македонското прашање повторно ќе се актуелизира.
– Сите лажни вести, дезинформации од опозицијата, кои паѓаат во вода, само предизвикуваат страв, несигурност и емоции кај граѓаните, што е и природно, бидејќи станува збор за национални прашања, оценува Маричиќ.
На прашањето што доби Македонија со францускиот предлог, Маричиќ одговора дека со изменетиот, прецизиран и дополнет предлог го добила „она за што се бори со години“, а тоа е чиста формулација на македонскиот јазик, без никакви фусноти, ѕвездички или објаснувања.
– Тоа ни беше најважно во зачувувањето на нашите национални интереси. Успеавме да го заштитиме македонскиот јазик, како што ветивме, граѓаните немаат за што да се грижат, македонскиот јазик станува еден од идните официјални јазици на ЕУ. Со овој предлог, со заштитата на македонскиот јазик најдиректно обезбедуваме заштита на идентитетот на македонскиот народ, посочува Маричиќ.
Тој додава дека францускиот предлог се однесува и на Преспанскиот договор, што значи дека преговорите ќе ги започнеме како Македонци кои говорат македонски јазик, а со исфрлањето на билатералните односи од преговарачката рамка имаме целосна заштита на македонскиот јазик и идентитет и Македонија има предлог кој не им штети на нејзиниот народ и на државните интереси.
На прашањето која е опасноста од донесувањето на ваков договор за зголемување на меѓуетничката нетрпеливост во земјата и можноста за предизвикување меѓуетнички конфликти, Маричиќ вели дека единствената опасност од дестабилизација ја гледа во отфрлањето на европскиот дискурс за земјата и запирање на процесот на евроинтеграцијата.
– Во тој случај се отвора можноста за анти-ЕУ и анти-НАТО пропаганда. Како одговорна Влада, нема да дозволиме опозицијата да манипулира со народот и државата, каде што огромното мнозинство е за Европа и НАТО. Владата како целина и сите членови на Собранието зазедоа многу одговорен став кога едногласно ја усвоија резолуцијата за нашите црвени линии, која беше поддржана од сите политички партии и национални заедници кои се дел од Собранието, рече Маричиќ.
Тој, исто така, вели дека факт е оти европскиот пат на Македонија е трнлив и полн со предизвици, а на прашањето дали мисли дека усвојувањето на францускиот предлог ќе биде последниот услов на Брисел на патот кон ЕУ, додава дека мора да се донесат храбри лидерски одлуки.
– Покажавме политичка волја и посветено работевме на европските реформи, особено во последните пет години. Требаше одамна да ги започнеме преговорите, но прашањето за името со Грција, а подоцна и отворените прашања со Бугарија, го одложија напредокот на земјата кон ЕУ, а во меѓувреме ЕУ имаше „епски“ неуспешен обид за проширување од кој денес гледаме геополитички последици, рече Маричиќ.
Сепак, тој изјави дека долгото чекање за почеток на преговорите и „пасивната политика на проширување на Унијата“ веќе резултирале со разочарување на граѓаните на земјава и губење на довербата во ЕУ.
– Според последните анкети, граѓаните се уште се за членство во ЕУ, а во проценти некаде повеќе од 70 отсто, но она што е поразително е дека помалку од 10 отсто денес Унијата ја сметаат за наш кредибилен партнер, додава вицепремиер Маричиќ во интервјуто за „Блиц“.