Полско-француската физичарка и хемичарка, Марија Склодовска – Кири е прогласена за жена која што имала најзначјано влијание врз светската историја, покажа истражување спроведено од Магазинот за историја на Би-би-си.
Марија Кири, пионер во истражувањата на радиоактивноста и прва добитничка на две Нобелови награди, врз основа на анкетата, се најде на врвот на листата на жени што го промениле светот. Десет експерти за Магазинот за историја на Би-би-си првично составиле листа од 100 жени кои го менувале светот, а потоа било побарано од читателите да ги рангираат.
Кири е поинер во повеќе области, таа била исклучителен научник, жена која се изборила за свое место во академскиот свет во кој доминирале мажи, сопруга и мајка на две мултиталентирани ќерки. Таа е опишана како олицетворение на она што денес жените се стремат да бидат. Како истрајна личност, таа била заинтересирана за социологија, математика, физика, литература и дури напишала и поезија.
Оваа жена научник е родена на 7 ноември 1867 година, имала четири браќа и сестри. Нејзиното семејство ја поддржувало во образовниот процес. Во 1891 година, на свои 24 години, Марија заминала во Париз да студира на Сорбона, затоа што во Полска во тоа време универзитетите не прифаќале женски студенти. Во Франција, таа освен што нашла цел за својата љубопитност и професионален ангажман, го запознала и Пјер Кири, човекот со кого се омажила во 1895 година.
Претседателката на Британското друштво на историја на науката, Патриција Фара, изјавила дека Кири има „неверојатен спектар на достигнувања“. Марија Кири останува единствениот човек кој има Нобелова награда во две различни категории, физика и хемија.
– Околностите секогаш биле против неа. Во Полска нејзиното патриотско семејство живеело тешко под рускиот режим. Во Франција, како странец, била гледана со сомнежи и, се разбира, секаде каде што се движела била дискриминирана како жена – објаснила Фара.
Други влијателни жени
Зад Марија Склодовска – Кири, на првите пет места се наоѓаат и активистките Роза Паркс, Емелин Панкхерст, математичарката и писателка Ада Ловлејс и хемичарката Розалинд Френклин.
Роза Паркс еопишана како жената која придонесе многу за промени во областа на човековите права, воедно и со тоа што одби да го отстапи своето место во автобус во Монтгомери, Алабама. Панкхерст пак на терто место се најде како основачката на Женскиот социјален и политички сојуз.
На десетто место е Мери Волстонкрафт, основачката на модерниот феминизам, а Жозефин Батлер, активистката против сексуалната експлоатација на жените, е рангирана на 18-тото место.
Оваа листа, бележат светските медиуми, може да испровоцира дискусии. Дали Маргарет тачер заслужува да биде на шесто место, а Дијана, принцезата од Велс на 15-то место?
Единствена писателка во првите 20 е Џејн Остин, на 13-то место, а највисоко рангирана уметничка е Фрида кало (34-та). Флоренс Најтингел е 9-та, а дваесетката се заокружува со Мајка Тереза.