Словачкиот амбасадор во Република Македонија, Хенрик Маркуш е еден од ретките, можеби и единствениот кој околу 80 проценти ја има поминато нашата држава на велосипед. Неговите подвизи ги има регистрирано на 250 до 300 „релив” видеа кои ја опфаќаат секоја една педа земја во државата, на која стапнал со своето омилено „превозно” средство, притоа промовирајќи ги најзначајните нејзини културно-историски знаменитости.

Изминатиот викенд тој имаше велосипедски тури низ Пијанечкиот регион, по чие завршување, по втор пат реши за МИА да ги сподели своите искуства од оваа негова спортско-авантуристичка амбасадорска мисија.

– Моите подвизи се многу едноставни, јас ја имам извозено Македонија околу 80 проценти, што се однесува за општините можеби 100 посто. Имам план цела Македонија да ја извозам со велосипед и секогаш одам на некое место каде не сум бил. На голема среќа Делчево има многу места каде може да се вози. Конкретно во Делчево и Македонска Каменица пред две недели бевме во Саса и тој дел, потоа продолживме кон Габрово и бугарска граница. Вчера, исто така во каменичко бевме на манастирот кај Цера, а денес на големо изненадување бевме на место кое Македонците можеби и не го знаат, тоа е тврдината Градиште над делчевското село Град и на многу убавото палеонтолошко место во село Стамер, каде во минатото живееле мастодонти, жирафи кои биле тука пред неколку милиони години, за жал сега ги нема тие животни таму, туку видовме само слики, раскажува Маркуш.

Според амбасадорот на Словачка, Македонија е една од земјите каде може да се ужива додека се вози велосипед и затоа вели дека кога сите го прашуваат уште колку има од неговиот мандат, тој им одговара дека овде ќе биде сè додека не ја помине со велосипед целосно.

-Тоа е мојот план и не си одам, бидејки секогаш има некоја добра тура. Се сеќавам за пет и пол години дека имам една до две тури кои биле тешки, од кои можеби немам добри спомени, но инаку имам фантастични спомени, додава словачкиот амабасадор.

За успешна реализација на самите тури во делчевско-каменичкиот регион Маркуш изрази благодарност до неговиот пријател Љупчо Чучуковски, кој е лиценциран планинарски водич и претседател на ПСК „Голак” Делчево.

– Сето тоа е благодарение на локалните водичи како Љупчо Чучуковски од Делчево, со кој ги релизираме турите. Тој одлично ги познава овие места, супер ми ги покажа. Низ оваа дружба со него имам впечаток дека Македонците се специјалисти да ги држат сите убавини во тајност, на никој не ги покажуваат. Јас тоа му го објаснив на Љупчо, тој ми го покажа тој церски манастир, потоа пратив порака на амбасадорот Гир од Европската делегација, тој се насмеа рече добро се сеќава на неговата посета таму, рече дека би дошол пак, но не со велосипед. Значи велосипедизмот има огромна предност особено ако имате добар пријател како што е Љупчо, кој добро го знае теренот, се работи за човек со голем квалитет што можеби луѓето и не ја ценат неговата работа толку за жал. Јас тешко би одел на тие терени, имам мапа да, но кога имате познавач на теренот јас не мора да се мачам за се, туку тој ми покажува што треба да се види. И што е најважно ако нешто се случи си помагаме. Најважно е да се дружиме, имаме разни случки, кога доаѓам и поминувам низ селските придавници, додека возиме ги прашувам овдешните продавачи дали сме заслужиле пиво и тие велат ако сте извозиле 10 километри не заслужувате, а ако сте извозиле 40, 50 километри тогаш може да испиете пиво, раскажува со насмевка словачкиот амбасадор.

Вели дека со право се идентификува како светски шампион во една дисциплина, а тоа е возење со велосипед низ Северна Македонија.

– За мене е феноменално што на тој начин, што е можеби битно за луѓето овде, јас се обидам преку овие мои видеа да ги привлечам луѓето од Словачка и други земји и да им покажам овие убавини. Од овие  пет и пол години имам 250 до 300 кратки ,,релив” видеа, знаете тоа е онаа апликација која прави видео во должина од околу две минути на кое гледате слики каде возите со сите попатни траси и за мене тоа е феноменално, дополни Маркуш.

Секогаш е отворен за промоција на велосипедизмот и во таа насока досега има поддржано некои проекти поврзани со велосипедизам во Велес и Гевгелија.

– Во Велес со нашиот проект направени се посети на 50 места во С. Македнија. Со проектот тие купија дрон и такви работи и уште повеќе тоа го подобрија, мислам дека е добро да се види нивната страница ,,Посети 50 места во РСМ” и јас сакам тие мои видеа да ги ставам на таа страница. Исто така, со министерот за надворешни работи Бујар Османи се договорив да направам некоја промоција од С. Македонија на овој начин и мојот план е по пензионирањето да се вратам во оваа убава земја и да направам како некој водич бидејки никој не ја знае Македонија како јас. Јас не ги знам да речеме градовите, нивниот центар или местата каде престојувам се супер, сместен сум во Делчево, но надвор градот јас најверојатно го знам исто како и Македонија како никој Македонец, посочува амбасадорот.

За пополнување на процентот планира есента во ноември или декември поход околу Мариово, за што веќе има разговарано со градоначалникот на Прилеп.

Инаку, со возење велосипед започнал во Швајцарија во 2007 година, потоа продолжил на Косово, а секако има возено тури и во Словачка, Чешка, Хрватска и дел од Унгарија.

– Братислава има една предност што во еден ден може да се оди прво од Словачка, ја поминуваме Унгарија, па одиме во Австрија и се враќаме „преку брдото” повторно во Словачка. Но, во Македонија научив вистински да се вози, секогаш одам на различно место и тој принцип сакам да го направам во Словачка, бидејки јас сега многу подобро ја знам Македонија отколку Словачка, што е парадокс на некој начин. Иако е двапати поголема тоа ќе го направам и во Словачка да ја извозам цела, потенцира Маркуш.

За организирани тури и учеството на истите вели дека најважно е некој да го покани. Онаму каде еднаш бил со велосипед би отишол повторно, но како гостин. Како пример за тоа ја посочи поканата од мештаните на село Цера,  да проба од вкусната „манџурија” на селската слава која се организира за празникот Покров на Пресвета Богородица. Од колекцијата на видеа која ја поседува вели дека кога шефовите на европските делегации го прашувале да издвои 10 најдобри тури, за него тоа е многу потешко, отколку да ги одбере најдобрите 100 тури.

Неговиот пријател Љупчо Чучуковски за амбасадорот вели дека е добар другар со кој се дружат околу четири години.

– Секоја година правиме планинарски велосипедизам во нашата област Пијанец, Делчево – Македонска Каменица, правевме и низ Малешевијата, но највеќе сум сконцентрирам на нашата област. Покрај тоа што се бавам со планинарство со овие заеднички активности со амбасадорот го заживуваме и  планинарскиот велосипедизам и промоцијата на овој крај. Пред две недели имавме планинарска маршрута за посета на Осоговските планини и Влаина и оваа недела возевме низ Делчевско. Амбасадорот е авантурист кој ја сака природата, нема да застанеме тука, со години возиме низ Пијанец. Што се однесува за мојата работа во областа на планинарството, продолжувам со моите активности, иако сега е летен период, летни одмори и слично и мора малку да се повлечеме поради високите температури како еден вид превентива. Сигурно ќе го поканиме амбасадорот на нашиот планинарски марш во септември, вели Чучуковски.

Амбасадорот раскажа и една интересна анегдота од посетата на овој крај поврзана со него и словенечкиот амбасадор Милан Предан.

– Пред една година бев тука и со Љупчо возевме интересна тура преку Разловци. Знаете тоа е место со интересна историја, таму пишува 1876 година, кога е подигнато Рзловечкото востание. Потоа, преку Пехчево се вративме и за тој подвиг ваши колеги направија репортажа дека словенечекиот амбасадор имал добри тури низ Пијанец. Интервениравме и тоа се корегираше, но во видеото не можеше да се поправи и јас му се јавив на Милан Предан и му велев: Милан на телевизија те има како ти добро ја возиш Македонија и дека си многу популарен…а тој човекот не вози и така остана таа ненамерна грешка која словачкиот го замени со словенечкиот амбасадор, се сеќава низ смеа Маркуш за неговото преименување од словачки во словенечки амбасадор.

Словачкиот амбасадор во РСМ вели дека секој оној кој сака да вози велосипед не треба да брза да купува скап модел. Најважно, според него, е да купи евтин велосипед и да увиди дали го сака овој спорт.

– Добрите велосипеди не се многу скапи и оние што се продаваат втора рака, само треба да се снајдете на интернет, затоа што ние што се качуваме на тешки брда не ни треба тежок велосипед. Но тоа не е најважно, важно е да пробате со било каков велосипед ако видите дека ви лежи возењето велосипед. Не треба веднаш да се купува супер велосипед бидејќи подоцна може да се случи тоа повеќе да не ве интересира. Значи лека полека треба да се проба со малку вреден велосипед, па доколку се забележи дека ви оди овој спорт, тогаш да се вложува во поскап, дециден е Маркуш.

Разговорот со „Светскиот шампион во возење велосипед низ Македонија“ го завршивме со најава за следните планови за возење, за кои вели дека секогаш зависат од некои параметри, како на пример да се најде пријател кој ќе го придружува, да одбере дестинација која не ја поминал, притоа напоменувајќи го Кожуф, а за Мариово вели дека ќе почека, најмногу поради топлото време и поради забраната за движење во шума што е втор параметар кој го лимитира. За крај не покани да направиме заедничка фотографија пред мапата со сите негови подвизи на велосипед, нешто кое е задолжително за сите кои ќе ја посетат неговаа канцеларија во словачката амбасада.

Валери Спасевски

Фото:МИА