Блаже Миневски
“Уметникот мора светот што го прикажува да го направи тешко препознатлив. Делата во кои се “се гледа лесно”, не се во состојба да го привлечат читателот, да му отворат пат во едно поинакво доживување на стварноста” , ќе запише Марсел Пруст во “Потрага по изгубеното време”.
Според него “светот не е создаден еднаш, туку тој се создава толку пати колку што се појавувал некој оригинален уметник”. Прозата на Пруст, меѓу двете големи светски војни, радикално ја променила чувствителноста, ослободувајќи ги чувствата од стереотипниот начин на набљудување и доживување. Во 1912 година, кога Пруст го понудил за објавување првиот дел од својот тротомен прозен проект – “Во Свановиот крај”, “Германтови” и “Пронајдено време” – реакциите биле збунетост и неразбирање.
Угледниот поет Жак Мадлен, на пример, тогаш ја напишал првата критика со која грубо го одбил ракописот на Пруст. Тој, меѓу другото, ќе констатира: ”Прочитав над седумстотини страници и немам никаква, баш никаква претстава за што всушност се работи. Што се случува тука? Што значи сето тоа? Невозможно е било што да се каже!”
Истата година, истиот роман, го одбива и Андре Жид, но и уште еден угледен париски издава~. Таквиот отпор кон “Сван” ќе го натера авторот со свои пари да го објави овој свој роман кај издавачот “Грасе”. Следните години, па дури и кога за “Девојките во цвет” ќе ја добие “Гонкуровата награда”, Пруст упорно ќе се обидува да го објаснува и да го брани своето дело. За “Сван” ќе напише дека не е никаква “збирка на спомени”, како што мислат критичарите, туку специфично видување на вистината, при што не се употребува “микроскоп”, туку само “телескоп”, со кој се приближуваат ситните нешта, оние кои се на голема далечина, а секоја од нив е цел еден свет.
И животот на Пруст е составен од “ситни нешта”, кои треба да се набљудуваат со “телескоп”, зашто секоја и најмала ситница е “цел еден свет”. Роден е во Оте на 10 јули 1871 година, како првенец на татко му д-р Андриен Пруст, универзитетски професор, и на мајка му, чувствителната и убава Жана Вејл.
Две година подоцна се раѓа неговиот брат Робер Пруст, кој, за разлика од Марсел, работите ги гледал со “микроскоп”, наместо со “телескоп”, така што речиси немале заеднички теми за разговор. Кога наполнил десет година, Марсел Пруст ја преживува и својата прва астматична криза, која ќе биде негов постојат придружник до крајот на животот.
Следејќи ја на прескок неговата биографија, во 1889 година тој е веќе матурант, кој му пишува на Анатол Франс, признавајќи му дека полни четири година напамет ги знае сите негови “божествени книги”. Следната година, идниот неразбран писател, ќе замине во војска, а по демобилизацијата, во ноември 1890 година, веќе е “бруцош“ на Правниот факултет во Париз, истовремено запишувајќи се и на Високата специјалистичка школа за политички науки.
Таа година, во домот на госпоѓа Штраус, вдовицата на Жорж Бизе, се запознава со Мопасан, кој ќе остане негов пријател до крајот на животот. И во следниот период Пруст ќе ги проширува своите пријателства и монденски врски, меѓу кои и со принцезата Матилда, потоа госпоѓа Арман де Којаве, која го запознава со Анри Ротшилд, и други. Одговарајќи на еден прашалник од тој период, Марсел Пруст ќе изјави дека основна црта на неговиот карактер е “потребата да биде сакан”.
Според него “потребата да биде гален и заштитуван е посилна од потребата да му се восхитуваат”.
Кај машките – вели тој – му се допаѓаат “женските чари” а кај жените “машките врлини”. Меѓутоа, од друга страна, како што вели самиот, му паѓало многу тешко кога до него некако ќе допреле гласините дека е “педераст тип”. Во такви периоди се повлекувал дома, нигде не излегувал, освен кај своите најблиски пријатели.
Кај сликарката Мадлен Лемер на 13 април 1893 година го среќава Робер де Монтескје и тогаш започнува едно исклучително важно пријателство меѓу нив двајцата.
Истата година Пруст дипломира на Правниот факултет, но ја објавува и својата студија “Пред ноќта” – исповед на една лезбејка – во која пишува:
“Не е помалку морално, или, поточно, повеќе неморално, ако една жена наоѓа поголеми задоволство во друга жена, отколку во маж. Причината за таквата љубов е во духовната преобразба која станува премногу исклучива за да може во неа да се внесува морална содржина”.
По оваа студија гласините за неговата “морална содржина” ќе станат уште посилни и побезобразни. Но, рака на срце, следната година Пруст го сретнува Рејнолд Хан со кој следните две година ќе доживее голема љубов. Неговиот љубовник , освен што бил убавец и прекрасно свирел пијано, му пружил таква топлина и љубов, какви што Марсел дотогаш немал доживеано. За таа љубовна врска на Марсел, веројатно знаела и неговата мајка Жана Вејл, на која редовно и пишувал писма, дури и за своите најинтимни чувства.
Во едно писмо од 14 септември 1899 година, син и Марсел меѓудругото ќе и напише:
”Рејнолдо не ми пишува. Зошто рече “сирот Рејнолдо”? Кога за тоа повторно мислам, се помалку и помалку го разбирам тој израз; можеби тој се однесува на нешто што не сум можел да го прочитам во твоето вчерашно писмо…”
Следниот ден, на 15 септември, на мајка си тој ќе и го напише и ова:
“Се извинувам што непотребно ти пратив телеграма во врска со Рејнолдо, но не можев да се смирам; се уплашив да не изгубил некој од своите, па затоа го нарекуваш “сирот Рејнолдо”. Прости ми што ова може да изгледа како да ми недостасува грижа за тебе”.
Паралелно со секојдневната исцрпувачка работа на своите прозни проекти, Марсел Пруст полека влегува и во највисоките интелектуални и книжевни кругови во Париз. Истовремено интензивно работи на својот роман “Свановата љубов”. Во меѓувреме, по завршувањето на пријателството со Рејнолд Хан, Пруст го започнува своето интимно пријателство со Лисјен Доде. Во тој период со голем жар ги чита Шекспир, Гете, Xорx Елиот и други, но го слуша и Жорес во францускиот парламент и според него го гради ликот на Кузон во својот иден роман “Жан Сантеј”.
Во 1898 година се усложнува аферата Драјфус. Емил Зола на 13 јануари го објавува своето познато “Обвинувам” во списанието “ Л,аурора”, а следниот ден истото списание објавува и петиција на интелектуалците за ревизија на процесот. Меѓу потписите на врвните интелектуалци од тоа време е и потписот на Марсел Пруст, покрај името на Анатол Франс.
Тоа лето неговата мајка е оперирана од рак, и таа операција и овозможува да го продолжи својот живот уште седум година. Тогаш, во почетокот на септември 1905 година, Марсел ја придружува на патувањето во Евиан, но оттаму мора итно да се вратат во Париз, каде што таа умира од воспаление на бубрезите на 26 септември, во педесет и шестата година од животот.
„Мојот живот од тој миг наваму – пишува подоцна Марсел – ја изгуби својата цел, единствената надеж, единствената љубов, единствената утеха”.
Нешто подоцна кон овие свои зборови за мајка си ќе го додаде и тоа дека „умирајќи, мајка ми со себе го поведе и малиот Марсел”.
Можеби поради тоа, следната година, првата година по смртта на неговата мајка, неговото здравје уште повеќе ќе се наруши, па тој негде ќе запише дека “лечењето ми нанесе многу штета”.
Иако перманентно истоштуван од болеста, тој ниту за миг нема да престане да работи на својот огромен прозен проект кој во замислата опфаќал околу седум тома. Ако во 1908 година ги има само првите 75 страници од првиот роман на таа серија романи, до 1911 година веќе ги има развиено двата тома:
“Изгубено време” и “Пронајдено време”, а до средината на 1912 година веќе се напишани повеќе од 1.200 страници текст на грандиозниот прозен проект. Работејќи деноноќно на своите романи, тој речиси нема време за ништо друго. Сепак, токму 1913 година, Пруст ќе ја доживее својата најголема љубов со својот возач и секретар Алфред Агостинели, кого го сместува во својата куќа заедно со неговата љубовница.
Исполнет со страсна љубов, Пруст работи како во транс, завршувајќи ги последните корекции на романот “Сван”. Но, во почетокот на декември, Агостинели побегнува на Антилите, со желба да стане пилот. Пруст со сите сили настојува да го врати дома, му праќа пораки, му подарува пари, но залудно – Агостинели ниту не се враќа, ниту одговара на телеграмите. Марсел, осамен и истоштен од болеста, деноноќно пати и по Агостинели, неможејќи дури ниту да спие.
Следната 1914 година, Марсел Пруст веќе има 43 години и сеуште живее со надежта дека Агостинели еден ден сепак ќе се врати. Работи на последните корекции на романот “Германтови”, одговара на жестоките критики за “Сван”, но во исто време и натаму постојано мисли на Агостинели.
На триесетти мај, најпосле добива абер за Агостинели. За жал, веста е трагична: Агостинели загинал во авионска несреќа. Таа вест му причинува неизмерна болка. Тој ја прекинува работата на своите романи, неможејќи да се помири со суровата реалност.
“Знаев – ќе запише неколку месеци подоцна тој – што се случи, и затоа секојпат кога излегував од такси се надевав со сето срце дека сред улица ќе ме смачка автобус што наидува по улицата”.
И во записите од септември таа, 1914 година, Марсел уште не може да се помири дека неговиот Агостинели го нема:
“Навистина го сакав Алфред. Не е доволно да се каже “го сакав”- јас го “обожував”.
Следните неколку година, Марсел Пруст полека повторно ќе им се враќа на своите романи, постојано дополнувајќи ги и постојано, меѓу два готови, вметнувајќи трет, сосема нов роман. Во 1922 година, на 18 мај, Пруст ги сретнува Џејмс Џојс и Стравински, кои ќе му дадат нов импулс за работа. Но, во септември неговото здравје опасно се влошува и нема знаци за подобрување. Во своето последно писмо до издавачот “Галимар”, Пруст ќе напише:
“Во овој миг верувам дека итно треба да ви ги предадам сите мои книги”.
На 17 септември се чувствува подобро, но следниот ден веќе блада, спомнувајќи “црна жена”, која необично личи на мајка му. Умира во четири и пол часот, на педесет и една годишна возраст. Погребот е извршен на 22 септември 1922 година.
Сега, 96 години подоцна, некои се уште ги гледаат неговите романи со “микроскоп”, иако тие можат да се откријат само со “телескоп”. Со истиот тој телескоп, на ѕвезденото небо, кога е ведро и кога има убава месечина, далеку меѓу ѕвездите, секако може да се открие и Марсел – детето што замина со својата мајка. Не може да се згреши, зашто и во најситните нешта е “целиот свет”.