Граѓанската иницијатива за заштита и унапредување на правата на трансродовите лица ТрансФормА денеска ќе одржи марш, по повод Меѓународниот ден за видливост на трансродовите лица – 31 Март.

-TрансФормА заедно со трансродовите лица, активистите и нивните поддржувачи се приклучува по четврти пат кон глобалната акција за солидарност со трансродовите лица, со цел намалување на насилството и дискриминацијата со кои секојдневно се соочува оваа маргинализирана група, посочија од ТрансФормА.

Од граѓанската иницијатива бараат од Владата и од Собранието да го вратат Законот за правно признавање на родот и да го изгласаат.

-Очекуваме поддршка од пратениците со кои соработуваме и кои ја разбираат значајноста од донесувањето на овој закон, но и од сите останати што досега не успееја да ја увидат нужната и итна потреба од подобрување на нашата легислатива во насока на подобрување на нашите секојдневни животи. Тука сме и без закон и продолжуваме да даваме отпор кон сите гласини што нема да го стишат гласот на трансродовата заедница. Заслужуваме безбедност, рамноправност и почит кон нашиот идентитет како и сите други граѓани! Тука сме и без закон, но не се откажуваме од негово донесување, соопштија од ТрансФормА