Месецов носи повисок минималец. Законски утврдената методологија предвидува дека во април за март би се исплатила повисока плата за околу 1800 денари, што значи дека платата би изнесувала нешто над 24 илјади денари .
Сепак синдикатите бараат минималецот да се зголеми повеќе од она што е утврдено со закон. На маса е ставен предлог за минимална плата од 500 евра за што се преговара со работодавачите. Владата кажа дека ќе го почитува она што ќе го договорат работодавачите и синдикатите. Но пробив се уште нема:
– Факт е дека сме оставени да разговараме со работодавачите за зголемување на минималецот. Работодавачите немаат намера да попуштат. Пари имаат, а не сакаат да даваат. Мора да ги дадат бидејќи квалитетните работници ќе си заминат од државата. Владата може да биде приморана да ја зголеми минималната плата, доколку не се договориме со работодавачите. Нема закажано седница на Социо-економскиот совет засега – рече Ристески.
Отворен останува е и предлогот за разликата од она што го предлагаат синдикатите до она што го налага законот, односно за 6 илјади денари работодавачите да бидат ослободени од придонеси, односно да бидат субвенционирани 12 месеци. Дали ваквата опција е прифатлива за Владата е отворено. Она што е јасно е дека деталите ќе треба да ги утврдува економско социјалниот совет, но откако ќе се утврди репрезентативноста на синдикаот, која во моментов е истечена.. Премиерот Мицкоски посочи дека Владата ќе ја формира многу скоро комисијата за утврдување на репрезентативноста, а дека висината на минималецот може да биде утврдена во текот на месецов, бидејќи исплатата на мартовската плата е во април.
Опозицијата пак критикува дека Владата не се грижела за работниците и нивниот стандард. Најавуваат законска иницијатива за минималец од 500 евра.
Ние во наредниот период ќе продолжиме со политики што се поддршка за животниот стандард на граѓаните, и ќе поднесеме законско решение за покачување на минималната плата на 500 евра, рече Богданка Кузеска, портпарол на СДСМ.
Инаку, од Конфедерацијата на синдикални организации на Македонија на прес конференцијата денеска побараа од Владата и од Министерството за енергетика да преземеат мерки за да се реши проблемот со високите сметки за струја за кои се жалат граѓаните и побараа да се стави ред во читањето на броилата.