Ноември е месец на машкото здравје, иако за здравствените проблеми треба да се разговара постојано и да се бараат решенија. Пациентите кои доаѓаат на преглед во ЈЗУ Универзитетска клиника за урологија – Скопје, најчесто се жалат на симптоми поврзани со долен уринарен тракт (ЛУТС), доминантно БПХ, уринарни инфекции, но, за жал, исто така, има пораст на пациенти со малигни заболувања како што се тумори на тестиси, карцином на простата и карцином на пенис кој е редок, но, многу е агресивен и се јавува без разлика на возраста.
МИА на оваа тема разговараше со директорот на Клиниката за урологија, професор доктор Сашо Дохчев, кој рече дека кога се во прашање посетата на лекар и грижата за машкото здравје за жал сѐ уште има предрасуди.
– Пациентите долго време ги потиснуваат проблемите и не бараат соодветна здравствена помош, со што се отежнува третманот и исходот од лекувањето. Затоа ние, уролозите, континуирано апелираме за скрининг прегледи, нагласи тој.
Дохчев информираше дека последните години наназад, кај популацијата помеѓу 60 и 70 години, сѐ повеќе расте бројот на пациенти кои сакаат да направат скрининг преглед за здравствената состојба во врска со простата.
– Помладата популација најчесто посетува уролог кога ќе се забележи некоја промена поврзана со актот на мокрење, потенцијата и други симптоми од ЛУТС, додаде докторот во изјава за МИА.
Се осврна и на тоа, колку од нашите машки лица практикуваат да посетат лекар.
– Во последните 3-4 години расте бројот на пациенти без тегоби, кои се јавуваат на преглед. Околу 20 отсто од прегледите се нови пациенти, кои сакаат да бидат прегледани, а немаат претходно поставена дијагноза. Пациентите доаѓаат на преглед и по направен самопреглед на тестиси, или појава на симптоми, поврзани со уринарни инфекции, опструкции, изразена промена или појава на болка, појасни Дохчев.
Најмалку внимание посветува младата популација
Стана збор и за прашањето кај која возрасна група се забележуваат најмногу проблеми и која возрасна група посветува најмногу, а која најмалку, внимание на машкото здравје.
Дохчев рече дека најмногу проблеми се јавуваат кај возрасна група од 60-70 години, а исто така расте и бројот на пациентите со возраст од 30-35, поради потешкотии при формирање на семејство.
– Популацијата над 50 години доаѓа на преглед поради проблеми со еректилна дисфункција и нарушен квалитет на живот. Најмалку внимание посветува младата популација, затоа апелирам за самопреглед на тестиси и доколку пациентите забележат некоја промена, болка, оток, да посетат уролог, подвлече докторот.
Дохчев се осврна и на тоа дали се преземаат чекори околу евентуални насоки за препораки за редовни контроли.
– Над 45 години, постојано апелираме на машката популација за проверка на ПСА маркерот и ехо на уринарен тракт, со овие неинвазивни методи можеме да ги следиме и евентуално да се откријат асимптоматски промени на простата, мочниот меур и бубрезите. Во некои западно европски земји, задолжително е еднаш годишно, мажите да посетат уролог и да ги направат соодветните испитувања, како скрининг за карцином на простата. Затоа ако не сте биле на преглед кај уролог, направете го тоа при првиот слободен термин, порача докторот во изјава за МИА.
Тој апелираше за прегледи по 45 години возраст, самопрегледи кај младата машка популација, да не се кријат симптомите, бидејќи секое одолговлекување само ја влошува општата состојба кај пациентот, а и самата прогноза на болеста.
Блаже Дарудов
Фото: МИА