Американскиот милијардер и извршен директор на „Тесла“ и „СпејсИкс“, Илон Маск, изјави дека очекува системите за вештачка интелигенција во следните пет години да ја надминат вкупната човечка интелигенција, а повторно оцени и дека Велика Британија во наредните две децении би можела да се соочи со граѓански судир.

Во интервју за британскиот неделник „Економист“, Маск изјави дека роботите во рок од десет години ќе преземат најголем дел од физичките и дигиталните работни задачи, што, според него, ќе доведе до „неверојатно изобилство“, во кое парите ќе имаат многу помало значење.

– Вештачката интелигенција може за еден ден да ме однесе од воодушевување до ужас – рече Маск, додавајќи дека неговиот „филозофски заклучок е да се гледа посветлата страна“.

Според него, системите за вештачка интелигенција и роботите на крајот ќе ја извршуваат најголемата дел од дигиталната и физичката работа, со што човечкиот труд ќе стане „опционален“.

Поради тоа, додаде Маск, би можела да биде потребна голема прераспределба на богатството и воведување, како што рече, „универзален висок приход“.

Истовремено оцени дека владите едноставно би можеле „да им издаваат чекови на луѓето“, бидејќи во економија во која машините произведуваат речиси неограничени количества стоки и услуги, дефлацијата би можела да претставува поголем проблем од инфлацијата.

Говорејќи за развојот на вештачката интелигенција, Маск ја поддржа идејата водечките компании меѓусебно да ги проверуваат своите најнапредни модели пред тие да бидат јавно објавени.

– Конкурентите се чувари на заедничката одговорност – изјави тој.

Додаде дека, доколку биде потребно, е подготвен да разговара и со извршниот директор на „ОпенАИ“, Сем Алтман, и покрај нивните долгогодишни несогласувања.

– На крајот, ако мора да разговараме – ќе разговараме. Можеби ќе треба да ги оставиме личните разлики настрана за доброто на светот – истакна Маск.

Тој оцени дека постои „добра шанса“ кинеските компании во одреден момент да станат светски лидери во областа на вештачката интелигенција.

Маск посочи дека се противи на напорите на дел од функционерите во администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп да им се забрани на американските компании да користат модели развиени во Кина, оценувајќи дека таквата мерка нема значително да го забави кинескиот напредок.

Тој изрази уверување дека Кина на крајот ќе го надмине недостигот од најсовремени чипови, предизвикан од американските извозни ограничувања, преку развој на сопствени литографски машини, чиј недостиг моментално ја ограничува домашната продукција на најнапредни процесори.

– Кина е поблиску отколку што повеќето луѓе мислат до решавање на проблемот со литографијата – нагласи Маск.

Тој ги повтори и своите претходни оценки за Велика Британија, наведувајќи дека „голема и брзо растечка група луѓе чии убедувања се спротивни на западните вредности“ во одреден момент ќе доведе до „судир“.

Одговарајќи на прашање дали има антиисламски ставови, Маск рече дека е против „наметнување правила и закони кои се спротивни на вредностите што ги прифативме на Запад“ и додаде дека жали што, според него, традиционалните медиуми не го препознаваат тоа.

Осврнувајќи се на својот политички ангажман во САД, каде што неговата финансиска и јавна поддршка придонесоа за враќањето на Трамп на власт во 2025 година, Маск призна дека бил премногу вклучен.

– Искрено, ме понесе моментот – изјави тој.

Маск додаде дека повремено размислува за можноста универзумот да е компјутерска симулација, наведувајќи дека работите со кои се занимава се „толку неверојатни што понекогаш е тешко да се поверува дека се реални“.