Десетици илјади Белоруси се собраа во Минск за да учествуваат на „Маршот за слобода“ по контроверзните претседателски избори на кои победи Александар Лукашенко.

Учесниците на антивладините демонстрации извикуваа „Заминувај“ и „Да живее Белорусија“. Тие се движеа по Булеварот за независност, откако опозицијата повика на најголеми демонстрации од гласањето пред една недела.

На маршот учествуваа и група ветерани во воени униформи.

„Ние сме против насилство“ и „Лукашенко мора да одговара за тортура и смртни случаи“ се само некои од транспарентите на демонстрациите. Демонстрантите носеа и 100-метарско црвено-бело знаме.

Претходно беа одржани и провладини демонстрации. Претседателот Лукашенко се појави и одржа говор. Тој повика на спасување на земјата од уништување.

Според западни медиуми, Лукашенко имал втор телефонски разговор со рускиот лидер Владимир Путин. Тие разговарале за ситуацијата во Белорусија.