Со големо задоволство ја следевме информацијата во јули дека конечно ќе почнат преговорите за влез на Македонија во Европската Унија. Тоа што е со задоцнување, за жал, не беше разумно, но одлуката да почнат преговорите, сепак, го наградуваат напорот што ЕУ го направи кон Македонија, истакна претседателот на Италија, Серџо Матарела.
На заедничката прес-конференција со шефот на државата Стево Пендаровски, Матарела рече дека тоа е потврда на заложбата на Македонија и на сите земји кои, како што рече, со одлучност ја поддржуваа Македонија, како што тоа го направи Италија.
-Сакам јавно да подвлечам дека го цениме трпението и напорот што С. Македонија ги направи за да ги надмине сите потешкотии и на планот на подобри и попозитивни односи со соседите. Станува збор за чекори нанапред кои Италија секогаш ги следеше и ги поддржуваше и во своите односи со Софија. Унијата е наша заедничка иднина, тоа е наше убедување, што секаде го кажуваме. Без влезот на земјите од Западниот Балкан во ЕУ, Унијата нема да биде целосна и има потреба од овој влез за комплетирање за навистина да биде интегриран целиот континент, рече Матарела.
Нагласи дека Италија постојано ќе биде на страната на Македонија на патот што треба да го изоди, на патот на реформите за да се стигне до акито на ЕУ.
-Се надеваме дека вој процес ќе биде пократок за целосно да се постигне членството во Европската Унија, рече Матарела кој во посета на нашата држава доаѓа 23 години од последната посета на некој италијански претседател.
Пендаровски и се заблагодари на Италија за поддршката на политиката на проширување на ЕУ и неспорната поддршка за нас во тој контекст.
-Имајќи предвид дека во претстојниот период нѐ чека напорна работа и вложување на сите национални капацитети, искуствата кои Италија е подготвена да ги сподели со нас ќе ни бидат навистина корисни. За време на разговорите потенцирав дека С. Македонија останува кредибилен партнер на Унијата во справување со актуелните геополитички и безбедносни предизвици за што зборува и фактот за нашето стопроцентно усогласување со заедничката европска безбедносна и одбранбена политика на Унијата, рече Пендаровски на прес-конференцијата.
Како сојузници во НАТО, додаде шефот на државата, со претседателот на Италија Матарела размениле мислења и информации за војната во Украина и го реафирмирале повикот за итно запирање на руската агресија врз една суверена држава.