Митко Маџунков: „Маестрален роман за постоењето надвор од постоењето. Вистинитоста на приказната, како и метафоричната поставенoст во однос на централната идеја, толку убедлива, толку биографична, независно од потеклото на самиот извод на податоците, го прави овој роман Големо дело!“
Божин Павловски: „Роман со наповторлив стил, прекрасни мисли, богата и раскошна лексика, сјаен одблесок во македонската проза!“
Јордан Плевнеш: „Маестрален роман што треба да биде читан на сите меридијани и на сите светски јазици. Дело на светски автор од македонско потекло!“
Раде Ссилјан: „Брилијантно дело кое спаѓа во врвот на македонската проза!“
Романот „Фантомско стапало“ на Блаже Миневски, објавен во антологиската едиција на „Матица Македонска“ резеврвирана за врвни остварувања, е лоциран во време во кое мислиме дека целиот свет е наш а всушност ништо не е наше, па луѓето повеќе живеат во она што го немаат одошто во она што го имаат. Го посакуваме она што го немаме, заборавајќи го она што го имаме. Движејќи се на својот сезнаечки „престол“, македонско копаничарско ремек-дело претворено во инвалидска количка, главниот лик верува дека животот е фронт за кој нема поштеда за никој а за да се победи мора да се ризикува, да се анализира и да се утврди што ни надостасува, да се промени она што не чини, и пак да се ризикува: „Ако се бориме со верба дека ќе победиме, постојано ќе напредуваме кон совршенство.“
Според Митко Маџунков, „Фантомско стапало“ е роман што се чита со голема возбуда и естетска радост. Врвна проза на мајстор за поетски слики, животна убедливост и документарност. Маркантно, впечатливо дело, почнувајќи од лексичката свежина, преку антологиските слики, па сѐ до начинот на кој се води приказната: „Вистинитоста на приказната, како и метафоричната поставенoст во однос на централната идеја, толку убедлива, толку биографична, независно од потеклото на самиот извод на податоците, го прави овој роман Големо дело. Посебно фасцинантен е раскажувачкиот слој кој е препуштен на предметите и на вегетативно-минералниот свет, со кој приказната раскажана однатре, од срцето на самото постоење, го фиксира животот така како што тој нѐ помни, а ние сме го заборавиле. Станува збор за голема, оригинална иновација која го воспоставува, чува и суверено го брани животот од самото срце на постоењето, онаа апсолутна внатрешна исполнетост и заситеност со живот на која не ѝ треба ништо друго, освен зборот, а со тоа вербата во приказната и прикажувањето, дека она што е раскажано трајно го фиксира она што поминало како да не поминало, уште повеќе се нагласува. Маестрален роман за постоењето надвор од постоењето“, пишува Маџунков во поговорот.
Божин Павловски подвлекува дека „Фантомско стапало“ е „приказна на чудесна и уникатна имагинација, дело што може да го креира само голем сонувач, магионичар на зборот. Роман со наповторлив стил, прекрасни мисли, богата и раскошна лексика, сјаен одблесок во македонската проза“, а Јордан Плевнеш, пак, смета дека се работи за „маестрален роман што треба да биде читан на сите меридијани и на сите светски јазици. Приказна што предизвикува солзи, смеа и чудотворни фасцинации. Дело на светски автор од македонско потекло“. Раде Силјан во рецензијата за „Фантомско стапало“ истакнува дека најновиот роман на Миневски е „ брилијантно, слоевито дело кое спаѓа во врвот на македонската проза“.
Романот „Фантомско стапало“ до крајот на октомври, месецот на книгата, во книжарниците на „Матица Македонска“ ќе се продава со потпис на авторот.