Селекторот на македонската одбојкарска репрезентација, Матијашевиќ е оптимист пред клучните два натпревара во квалификациите за Европското првенство.

– Одбојка ќе се игра во Македонија и по овие два натпревара, особено ако се квалификуваме, тогаш ќе биде попријатно да се игра. Не би рекол дека е последна шанса, но сигурно е најголема досега. Јас верувам во оваа екипа и верувам дека ќе ја искористиме, изјави Матијашевиќ за веб-страницата на Одбојкарската федерација на Македонија.

„Црвено-жолтите“гостуваат во Запорожје в сабота, а потоа во Скопје ја пречекуваат Унгарија на 9 јануари.

Македонија има шанса и со една победа да биде втора и да се пласира на ЕП врз база на збирот на победи и на бодови.

– Јас на тоа не гледам така. Шансата е добра, но за мене прва приказна е Украина. Наша цел е да ги нападнеме со се и сешто и да добиеме барем еден сет. Украина е најдобра во групата и го покажа тоа со резултатите. А ако добиеме сет, зошто не и два? Ако добиеме два, зошто не и три? Еве, тоа е некоја филозофија за којашто јас мислам дека е вистинска. Ние треба да се бориме за секој сет, па ако може и да го добиеме натпреварот, а ако го направиме тоа, шансите ќе бидат многу големи, вели селекторот.

Со евентуални две победи Македонија ќе учествува на Европскиот шампионат 2019, а доколку оствариме една, тогаш ќе го чека епилогот и од другите групи.