Најголемиот зимски туристички центар, годинава сезоната ќе ја започне со новитет што е единствен од ваков вид во земјава.
Љубителите на скијањето и рекреацијата ќе добијат патека со снег и во периоди кога временските услови тоа нема да го дозволат. Годинава, на „едноседот“ ќе има вештачки снег.
Со сопствени средства Ски центар Маврово набави и монтира современа опрема за заснежување и правење вештачки снег на реномираната италијанско-австриска DemacLenko. Таква се користи во светски познатите ски центри како што се Шамони, Кицбил, Ст.Мориц, Кронплац.
Менаџментот на Ски центарот Маврово потврди дека конечно е финализирана инвестицијата во системот чија вредност е околу 700 илјади евра. Деновиве беа извршени последните тестирања на системот и софтверот со што се создадени услови за отварање на годинешната скијачката сезона.
– Носечката инвестиција за оваа година е најсовремена инсталација и опрема за производство на технички, еколошки снег која е поставена долж добропознатата „едносед стаза“. Поставивме 19 шахти, 9 снежни топа и 4 снежни стикови. Системот за правење снег се раководи од компјутерски центар и ќе има 24-часовен надзор на патеката, на количеството снег и на метеоролошката состојба на самата патека. Системот е во должина од речиси 2 километри и целосно ја покрива стазата Едносед, вели Огнен Циговски извршен директор на Ски-Центар Маврово
Со овој зафат се очекуваат повеќе придобивки, пред сé повеќе денови за скијање. Првиот човек на Ски центарот појаснува дека статистиките покажуваат дека зимската сезона, во просек, почнува релативно доцна. Кратката сезона не дава можност за целосен и прогресивен развој во континуитет. Новопоставениот систем треба да овозможи подолга сезона за 30 проценти и загарантиран снег за скијање и уживање.
– Во однос на досегашната состојба ќе го зголемиме бројот на денови за уживање на снежните патеки и скијачката сезона на Маврово. Се надеваме дека ќе трае околу 100 дена во годината. Зимската сезона, во просек, почнува релативно доцна со најголем број туристи во јануари. Статистиките покажаа дека најслаб месец во сезоната е декември како резултат на лоши временски услови и поради недостиг на снег, нагласува Циговски.
Доколку нема подрастични метеоролошки измени, скијање на популарниот едносед ќе има овој викенд.
Маврово важи за еден од водечките ски центар во Македонија. Патеките за скијање се простораат од 1.255 до 1.860 метри надморска висина. Скијачката зона се сервисира со три жичари и 11 ски-лифтови со што се покриени околу 25 километри скијачки патеки.