Македонскиот скијачки центар Маврово со цените на услугите им конкурира на светските центри како што е Сен Мориц, но не и според квалитетот на услугите, што е една од причините да ги „брка“ македонските скијачи во соседните земји и подалеку.
Таков е впечатокот според цените на услугите кои кружат на социјалните мрежи од револтирани граѓани.
Според една фотографија со цени која деновиве кружи на социјалните мрежи, се гледа дека не секој може да седне во кафуле во Маврово и да се напие едно кафе или еден сок.
Според ценовникот кој се објавува на социјалните мрежи за да испиете едно обично еспресо за кое обично плаќаме 50 – 60 денари, во Маврово ќе треба да платите 90 денари. За макијато, кое обично чини 80 денари, таму ќе треба да платите 150 денари. Цената на нескафето во Маврово изнесува 150 денари, а пак ирското кафе чини 450 денари.
Негазираната и газираната вода чинат 90 денари, а свежо цеден сок дури 225 денари.
Дали со вакви цени се „бркаат“ туристите од нашите скијачки центри или пак ова е пропаганда од тие што ги насочуваат домашните скијачи во конкурентските во соседството?!