Уште две лица се уапсени во врска со смртта на 39 лица пронајдени во приколка на камион во југоисточна Англија, соопшти денеска британската полиција.
Во соопштението се посочува дека маж и жена (38) од Варингтон, северозападна Англија, се уапсени под сомнение за убиство и трговија со луѓе.
Возачот на камионот (25) се уште е во притвор под сомнение за убиство.
Телата беа пронајдени во средата во приколката на камион- ладилник во индустриската зона во местото Грејс, на околу 40 километри источно од Лондон. Камионот и приколката со луѓето внатре, по се изгледа, се движеле одделно пред да стигнат до индустриската зона.
Британските медиуми објавија дека жртвите биле кинески државјани, меѓутоа, кинеската амбасада во Велика Британија денеска соопшти дека полицијата сè уште ги проверува идентитетите на жртвите и дека нивната националност сè уште не е утврдена.