Бугарскиот врховен суд по три години чување во фиока го активираше решението за затворање на македонското здружение во Бугарија. Сепак оваа одлука нема да влијае на македонскиот културен клуб „Никола Вапцаров“ кој беше отворен викендов во Благоевград, објавува ТВ 24.
Заедничко за двате здруженија е тоа што Атанас Мазнаев е еден од основачите на здружението, но и претседател на клубот. Тој за ТВ 24 вели дека клубот „Никола Вапцаров“ го основале македонците од Пиринска Македонија и истото нема никаква поврзаност со здружението за човекови права чие постоење е под знак прашалник уште од 2019 година.
Зад клубот стојат сите кои имаат идеја да се признае македонското малцинство во Бугарија, но и да се подобрат односите помеѓу Македонија и Бугарија. Но, клубот воопшто не е регистриран во бугарскиот Централниот регистар.
„На 8 октомври, со решение на Врховен суд кој го потврдил мислењето на судот во Благоевград, кој пак од своја страна одлучил да го укине здружението за човекови права. Но тоа нема никаква врска со отворањето на Клубот. Тоа здружение е на група граѓани со цел заштита на човековите права, вклучително правото на самоопределување. Клубот е клуб на македонците од Пиринска Македонија и тоа никој не може да го забрани затоа што нема како да го забранат. Ние сме многу луѓе, не претставуваме здружение, ние сме иницијатори како поединци, како индивидуи.“ – вели Мазнев.