Македонското друштво „Илинден“ денеска одбележува пет години од приемот за полноправен член во семејството на претставниците на европските националности, Федералната унија на европските националности (ФУЕН).
-Тоа се случи на 60-тиот Конгрес на ФУЕН што се одржа во Комотини, Грција, во организација на Федерацијата на западнотракиските Турци во Европа, Здружението на дипломирани студенти на Западна Тракија и Партијата за пријателство, еднаквост, мир. Особена заслуга за нашето членство во ФЕУН има Македонското меѓународно движење за човекови права од Канада и претседателот Бил Николов, за што изразуваме голема благодарност, изјави Никола Ѓурѓај, претседател на друштвото „Илинден“.
Додава дека во изминатите пет години Друштвото редовно и активно учествува на сите конгреси каде ги актуелизираат проблемите на Македонците во Албанија, а има и свој штанд каде се презентира пропаганден материјал за македонските традиции, обичаи, убавата македонска носија…
-Како друштво континуирано работиме на заштитата на етничкиот, јазичниот, културниот идентитет и националните традиции на Македонците во Албанија. Покрај тоа, учеството на конгресите на ФУЕН го користиме за прашањето за Македонците во Албанија да го актуелизираме на меѓунаротната сцена. Поднесовме неколку резолуции чија содржина и намера беше подобрување на животот на Македонците во Албанија и сите едногласно беа усвоени. Тие се испратени до сите меѓународни институции кои се поврзани со малцинските проблеми, како и во државните институции на Албанија, нагласува Ѓурѓај.
Посочува дека колку и дали овие резолуции придонесуваат за подобрување на положбата на Македонците во Албанија ќе биде следниот чекор кој ќе го преземат на наредниот конгрес на ФУЕН.
-По повод овој наш скромен, но многу значаен јубилеј, упатуваме искрена благодарност до сите членки на ФУЕН за соработката и разбирањето покажано за интересите на македонското малцинство во Албанија. Истовремено, испраќаме искрени честитки до членовите, соработниците и симпатизерите на нашето друштво за петгодишниот јубилеј од членството во највисоката малцинска организација во Европа, со желба и натаму јасно и опстојно да работат на интересот и барањата на Македонците во Албанија, рече Ѓурѓај.
ФУЕН е европска организација на автохтони, национални малцинства и етнички групи во Европа, во која членуваат над 100 организации.