Македонскиот дипломатски синдикат денеска преку соопштение изрази разочарување од вчерашната реакција на министерот за надворешни работи Бујар Османи во врска со нивните критики кон неговата работа и ги демантира неговите тврдења дека тие се субјективни, како и дека тој одржува редовна комуникација со двата синдиката во Министерството за надворешни работи.
-Османи продолжува да запаѓа од лага во лага со тврдењето дека критиките кон него биле субјективни, односно биле упатени од страна „на еден човек, а не цела организација“, како и дека тој со двата синдиката во МНР имал соработка „на дневна основа“. За информирање на г-нот Османи, Македонскиот дипломатски синдикат е законски регистриран во Централен регистер и е дел од Синдикатот на администрацијата и државната управа (САДУ) и Конференцијата на слободни синдикати (КСС), а преку нив и во Меѓународната конфедерација на синдикати со седиште во Брисел (International Trade Union Confederation – ITUC). Не само што целото членство на МДС стои зад критиките кон Османи, туку и САДУ и КСС целосно ги поддржуваат ставовите на МДС, а тоа се многу луѓе, не еден човек, се наведува во соопштението од МДС.
Посочуваат дека „поголема невистина од тврдењето дека Османи имал добра соработка со двата синдикати во МНР и тоа „на дневна основа“ нема, бидејќи тој од почеток целосно ги игнорира нашите барања и прашања и никогаш, ама никогаш, не одговарал на нашата комуникација.
-Сме интервенирале за Ковид вакцини за вработените, за одржување систематски прегледи, сме барале разговори за платите во МНР кои се далеку под просекот во државата, речиси на ниво на кожарската и дрвна индустрија, сме интервенирале за исплата на К-15 за 2022 година и многу други нешта. Одговор никогаш не сме добиле. Господинот Османи упорно не исклучува од сите текови во МНР, па така веќе две години како се изготвува Законот за надворешни работи одбива да го сподели нацрт текстот со МДС, како би не спречил да дадеме свое мислење до Работната група за изготвување на предлогот, што инаку е законска обврска, се додава во реакцијата.
Македонскиот дипломатски синдикат, се наведува понатаму, никогаш немал некаква политичка агенда и ќе продолжи со борбата за подобра положба на вработените и обелоденување на неправилностите во МНР, за што има поддршка од членството.
-Во таа борба нема да не заплашат бројните притисоци и деградации на сениорски дипломати и централизацијата на моќта во рацете на министерот и неговиот кабинет преку нелегални паралелни структури поради кои легалните структури на министерството се осудени на одумирање. Ќе се бориме со сите расположливи средства да ја вратиме киднапираната дипломатија и да го возобновиме нејзиниот некогашен сјај, наведуваат од МДС.