Претходната министерка за образование, Мила Царовска, ја задолжи државата за 21,5 милиони евра на име реформи за образование. Парите од тој кредит немилосрдно се раскрчмуваат, а ниту таа, ниту актуелниот министер Шаќири немаат дадено отчет каде, како и на што се трошат, реагира партијата Левица.

Во објавата на својата Фејсбук – страница оваа опозициска партија наведува дека иако споменатиот кредит првично беше одобрен на име долгорочен развој на образованието, две години подоцна – ги нема парите, но нема ни развој, туку напротив, образованието никогаш не било во полоша ситуација.

-Место да инвестира во долгорочен развој, министерот Шаќири троши половина милион евра за скрипти, или „привремени учебници“, како што тој ги нарекува. Политиката на Царовска како една од најнеспособните кадри е депласирана, а министерот Јетон Шаќири не понуди ништо ново. Оттука, неминовно е прашањето дали Шаќири воопшто има претстава во која насока се движи образованието во државава, или единствено е во тек кој сопартиец /коалиционен партнер ги добива тендерите, па макар истото да значи дека училиштата ќе делат свидетелства на 31 август, а учебници на 31 декември?, потецнираат од Левица.

Партијата наведува дека министерот Шаќири мора итно да даде отчет пред јавноста каде и како се трошат 21,5 милиони евра пари на граѓаните, колку што е задолжена Македонија на име реформи во образованието!