Мечот што Наполеон Бонапарта го носел при државниот удар во 1799 година, ќе биде понуден на наддавање викендов, со уште пет оружја што му припаѓале на францускиот император, објави американската аукциска куќа „Рок ајленд окшн“ со седиште во Илиноис.
Вредноста на мечот во корица којшто ќе биде ставен на аукција од 3. до 5 декември, се проценува на 1,5 до 3,5 милиони долари. Тоа е „крунскиот скапоцен камен“ на колекцијата, објави аукциската куќа, којашто ќе го организира наддавањето во своите простории и преку интернет.
Оружјето го изработил Никола-Ноел Буте, тогашниот одговорен човек во државната фабрика за оружје во Версај.
Се верува дека по неговото крунисување за император, Наполеон му го дал мечот на генералот Жан Андош Жуно, но сопругата на генералот подоцна била принудена да го продаде за да си отплати долгови. Лондонскиот музеј потоа го пронашол и чувал оружјето… Американски колекционер бил неговиот последен сопственик, но човекот починал неодамна.
Франција во мај ја прослави 200-годишнината од смртта на Наполеон.
Познатиот Корзиканец е една од најпротивречните личности во француската историја, со неговиот огромен придонес во создавањето на модерната Француска Држава, од една страна, наспроти неговиот империјализам и поттикнување војни, од друга.