Дваесет и шестгодишниот Андреа Папи во средата отишол да џогира во планинска област во близина на неговото село Калдес. Кога долго време не се вратил дома, неговото семејство ја алармирала спасувачката екипа, која што го пронашла неговото распарчено тело.
Според италијанските медиуми, Андреа Папи бил жив кога мечката го нападнала и го влечела. Хипотезата презентирана од истражителите ја потврдиле тројца експерти – судски вештак, ветеринар и експерт за ДНК на животните.
Папи имал длабоки рани на вратот, рацете и на градниот кош, а обдукцијата направена вчера покажала дека бил нападнат од мечка. ДНК тестот треба да овозможи идентификација на животното во наредните денови. Претседателот на провинцијата Трентино, Маурицио Фугати, потпиша итен декрет за убивање на мечката одговорна за нападот, а најави и дека ќе побара соодветно да реагираат надлежните служби за уште три мечки кои се сметаат за проблематични.
Сега неговото семејство планира да ја тужи областа Трентино и државата Италија поради програмата за повторно воведување и населување мечки во тој регион. Намерата им е да се оспори начинот на кој е реализиран проектот Life Ursus, без консултативен референдум меѓу населението.
Ова не е прв напад на мечка врз човек во истата област. Во март бил пријавен напад од мечка во истиот регион, што предизвика широка дебата за опасностите од животните кои биле преместени таму помеѓу 1996 и 2004 година. И мечки од Словенија биле преместени во регионот Трентино.