Поради остсутво на еден член на поротата, повтореното судење за предметот „Ликвидација“ е одложено за 3 септември.
Судијата Осман Шабани рече дека рочиштето во кое обвинетите беа осудени за прекршување на законот за кривична постапка и на законот за заштитен сведок во случајот за убиство на жител на велешкото село Ореше, се одлага поради здравствени проблеми на еден поротник и дека судењето ќе се одржи на почетокот на септември.
Новинарот Томислав Кежаровски кој беше обвинет во предметот, рече дека од судењето очекува правилност и правичност и дека се надева дека ќе ја извојува победата. Тој, очекува разврска на случајот и дека ќе бидат познати сторителите, како што рече, наспроти заложбите на МВР да не одговара на сите негови барања за увид во досието. Неговиот адвокатот Филип Медарски рече дека делото за Кежаровски е застарено и очекува обвинителството да реагира на тоа.
Во 2013 година обвинетиот Валентин Зафиров доби казна од пет и пол години за неовластено оддавање информации и податоци за сведоците и противправно посредување, како и новинарот Томислав Кежаровски – четири и пол години затвор, бидејќи според пресудата тој во 2008-тата година во два последователни броеви на ревијата „Репортер 92“ го оддал идентитетот на заштитениот сведок во предметот „Ореше“. Сабедин Џини-Хофман, Сашко Лазаров и Јане Павловски „Тица“, добија казни затвор од една до една и пол година.
Во 2015 година по одлуката на Апелација по жалба Кежаровски доби две години затворска казна, адвокатот Воислав Зафиров , кој беше осуден на пет и пол доби 2 и пол години затвор, судијата во случајот „Ореше“, Илија Танев му е намалена казната на година и пол, на јавниот обвинител Ивица Ефремов на 3 години , а поранешните судии Борис Николовски и Сашо Лазаровски добија условни казни од една година доколку не го повторат делото во наредните три години.