Медицинска сестра од Калифорнија, мајка на три деца, им одговара на сите кои се против вакцинацијата.
Во пост на Фејсбук, Меги Доуд од Монтереј, Калифорнија, вели дека на родителите треба да им биде дозволено да изберат дали сакаат или не сакаат да ги вакцинираат своите деца.
Сепак, таа потенцира дека на тие родители, кои не сакаат да им бидат вакцинирани децата, не треба да им биде дозволено да ги носат децата на лекар кога тие ќе се разболат.
Ви го пренесуваме интегрално постот на Меги, прочитајте го.
„Мислам дека луѓето што не сакаат да се вакцинираат или да ги вакцинираат своите деца треба да ја имаат слободата да не го прават тоа. Ако мислат дека фармакомафијата (aka. Big Pharma) само сака да направи профит или да нé отруе сите нас, тогаш треба да им биде дозволено да веруваат во тоа.
НО… лошата страна на таа слобода е следнава: Тогаш тие НЕ ТРЕБА да одат на доктор или во болница кога се болни, барајќи третман. Да, баш така. А еве зошто:
Фармакомафијата ги прави тие антибиотици со кои ќе ве напумпаме од глава до пети кога сте на пат да умрете од сепса.
Стероидите и епинефринот (адреналин) кои би ви ги дале за да ви го спасиме животот кога имате анафилакса… Да, фармакомафијата ги прави и нив.
Инхалерот со кој ја третирате астмата на вашите деца? Подобро и тоа прескокнете го, бидејќи… погодивте… стигнуваат до вас благодарение на Big Pharma.
Имате срцев удар? Подобро свртете се кон вашите есенцијални масла и побрзо решете што имате за решавање, бидејќи сé што ние имаме да ви понудиме се лекови и процедури измислени од истите луѓе кои се одговорни за тие вакцини кои инсистирате дека се зло.
Имате сериозен мозочен удар? Не можете да зборувате или да движите половина од телото? Нема ткивен активатор плазминоген за вас. Дури иако може потенцијално да го поништи секој симптом на вашиот удар за неколку минути… Бидејќи големата фармакомафија растура од ќар од тоа нешто. Мислам дека чини по 25.000 долари по парче.
Код Сино (медицински код за пациент со потреба од итна реанимација)? Не очекувајте да ја отвориме количката за реанимација. Полна е со лекови кои ни се потребни за да направиме срцето да ви чука повторно. Што мислите, од каде доаѓаат?
Мислам дека ја сфаќате поентата. Доста сте наивни. Сé си има ризици. Сé си има споредни ефекти. Медицината не е совршена. Промовираме и настојуваме да ги вакцинирате вашите деца и себеси затоа што науката ДОКАЖА дека тоа е најефективниот метод за контрола на ширењето на болестите, и дека тоа ви дава најдобра шанса ДА НЕ УМРЕТЕ од нешто што е спречливо.
Верувајте ми на зборот кога велам: невакцинирањето бидејќи верувате дека големата фармакомафија единствено се грижи за профит или дека целата научна медицинска заедница е излажана или потплатена – е 100% лудило. Јас лично многу се навредувам кога некој имплицира дека медицинските професионалци, како мене, некогаш би дале било што на некого, особено на дете, што намерно би им наштетило. Уште повеќе се навредувам кога некој имплицира дека високо едуцирани професионалци, како мене, не се способни „самите да истражат“.
„Ако си вакцинирана, што ти е гајле за нас?“
Луѓето секогаш враќаат со нешто од типот: „Па, ако ти си вакцинирана, што ти е гајле што јас не сум? Ако си толку сигурна дека твоите вакцини работат, тогаш зошто не си сигурна дека нема да бидеш заразена?“
Сосема, 100% сте во право. Јас најверојатно ќе бидам сосема добро. Тој за кого сум загрижена е моето новородено бебе кое е премногу младо за да биде вакцинирано. Се грижам за мојата пријателка која прима хемотерапија, се грижам за соседот чиј имунитет е компромитиран, се грижам за мојот роднина кој е алергичен и не може да ја прими вакцината. Да, ви велиме да се вакцинирате за да се заштитите вие самите, но крајната цел е многу поголема од тоа. Вакцинирајте се, бидејќи не се работи само за ВАС.
Искрено ваша:
– Регистрирана медицинска сестра
– мајка
– дипломиран професионалец (со диплома од полето на наука)
– никаков припадник на фармакомафијата/BIG PHARMA“