Одлуката на Владата за започнување постапка за разрешување на јавниот обвинител Љупчо Коцевски е резултат на неговите континуирани правни прекршувања, изјави вицепремиер и министер за животна средина Изет Меџити, во синоќешното гостување на ТВ Алсат-М.

Меџити наведе три клучни причини за овој потег.

-Прво, оваа постапка е во согласност со духот на меѓународниот фактор и стратешките партнери, со цел да се интервенира таму каде што има прекршувања. Второ, довербата на граѓаните во судскиот систем е на најниско ниво од 90-тите години и речиси повеќе не постои. Трето, јавниот обвинител Коцевски продолжи со континуирани правни прекршувања, создавајќи ситуација што ја направи неизбежна одлуката за негово разрешување, наведе Меџити.

За изборот на нов јавен обвинител, тој нагласи дека тој треба да биде професионалец кој ќе придонесе за враќање на довербата на граѓаните во владеењето на правото.

Владата на денешната седница го задолжи Министерството за правда да преземе активности за поведување постапка за разрешување на државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски, соопшти вчера на прес-конференција портпаролката на Владата, Марија Митева.

Таа рече дека разочараноста на Владата од постапувањето надвор од законските надлежности, разочараноста на граѓаните од системот што не функционира, а секојдневното продолжување со ваквите состојби, резултира со нарушена доверба и нефункционирање на правната држава.

Коцевски на функцијата дојде пред една година, лани на 13 февруари. Тој беше избран со 62 гласа „за“ во Собранието од пратениците на СДСМ и ДУИ од претходниот состав.

Во однос на законското решение за правична и соодветна застапеност на Албанците, Меџити вели дека тоа е во финална фаза и дека оваа недела се очекува да се одржи претпоследната или последната средба за усогласување на ставовите помеѓу ВЛЕН, ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ.

– Во принцип, веќе ги приближивме ставовите и верувам дека до крајот на следната недела ќе излеземе со законско решение или со посебен Закон за правична и соодветна застапеност на Албанците, бидејќи досега тоа беше само механизам, но не и вистинско законско решение, вели Меџити.