Мега интервју на најголемата македонска фудбалска легенда за Моцартспорт во кое изјавува дека и покрај сугестиите да се откаже од „слабата репрезентација“ тој вели дека Македонија за него била светост.

За почеток, прашањето на сите прашања во Србија. За кого навива Горан Пандев: Црвена звезда или Партизан?

Сите како деца навиваат за Ѕвезда. Исто и јас. Во поранешна Југославија, Ѕвезда беше и сè уште е еден од најголемите клубови во Европа. Чест ми е што сум овде во Белград и што бев гостин во еден од најголемите клубови во Европа.

Дали за таа навивачка определба е виновен Дејан Савичевиќ кој често го издвојувате за идол?

Савичевиќ ми беше идол, многу ми се допаѓаше како игра. Беше левоног како јас кога бев мал. Се обидував да ги правам неговите финти и навивав за него и кога замина во Милан.

Колкав беше скокот во квалитет кога од Македонија отиде во Интер? Каде беше во споредба со твоите врсници?

Младинскиот тим на Интер беше со исклучителен квалитет. Имаше играчи како Обафеми Мартинс. Знаеме дека подоцна играше одлично за првиот тим и го освои Скудетото. Дојдов од мала земја, од мал град како Струмица, во еден од најубавите градови во Италија како Милано. Доаѓаш во голем тим, кога Роналдо играше за Интер. Пред тоа само го гледав на телевизија. Не можев да поверувам. На почетокот беше малку тешко, но откако го научив јазикот и се прилагодив на италијанскиот начин на живот, станав навистина среќен.

Дали имаше шанса да го запознаеш Роналдо како дете на 18 години?

Тој беше во првиот тим, а ние четворица-петмина од младинската екипа повремено трениравме со првиот тим. Подоцна имаше тешка повреда, па тренираше со нас во младинскиот тим. Прекрасен човек. И кога имаше најмногу проблеми со повреди, секогаш беше тука да разговара со нас, да ни помагаше психички. Ми беше чест да го запознаам. Еден од најголемите играчи во светот.

Колку Роналдо отскокнуваше на тренинг?

Едно е кога го гледате на телевизија, сосема поинаку е кога тренирате со него. Тој правеше работи на теренот што не би знаел ни да ги објаснам. Имаше брзина, техника… Гледаш како поминува тројца четворица играчи и не можеш да разбереш како го прави тоа“.

Тоа беа златните години од Серија А, кога играа најдобрите светски дефанзивци. Колку е тешко за еден млад напаѓач кога треба да се судри со Неста, Малдини, Канаваро?

Имав среќа да играм против нив. Беше навистина тешко. Тактички се совршени, физички се непобедливи, брзи се… А во исто време знаат кога да излезат пред шпицот, кога да затворат… Беше навистина тешко против нив. Голема работа е да правиш кариера кога играш против такви дефанзивци.

Имаше ли некои валкани трикови?

Ако им правите многу проблеми, следува веднаш старт или ќе добиете лакт. Тоа е нормално. „Каде одиш, дете?“ Немаше ВАР. Сега е малку потешко. Неста беше најтешкиот дефанзивец против кој сум играл. Не ја допирав топката. Тој беше интелигентен, силен, тактички совршен.

Која беше пресвртната точка кога сфати дека си играч за Серија А?

Трансферот во Лацио. Клубот имаше финансиски проблеми, Крањоти го продаде клубот на Лотито и немаше повеќе ѕвезди како што беа Креспо, Југовиќ, Михајловиќ, Станковиќ, Алмеида, Мендиета… Клубот беше во криза. Останаа Перуци и пет шест од нив. Тоа беше мојата шанса. Не беше лесно, на Олимпико имаше 60.000 луѓе. Добро ми тргна, постигнав гол против Каљари во второто коло, а потоа против Јувентус. Луѓето почнаа да ме сакаат. Играв на неколку позиции и секогаш давав максимум на натпреварите и тренинзите. Луѓето знаат да го препознаат тоа. А кога на луѓето им се допаѓаш, полесно е. Не е проблем дури и ако не играш добро на два-три натпревари.

Која позиција ти беше омилена?

Во Лацио играв со Роки напред. Тој постигна многу голови на мои асистенции. Имав среќа да играм на повеќе позиции. По страна, зад шпицот, понекогаш најистурен, иако не сакав да го играм тоа. Најмногу сакав да играм како втор шпиц. Играш зад Кавани, Игуаин… Тоа се одлични играчи кои знаат да влезат во простор. Технички беспрекорни и задоволство е да се игра со нив.

Со кој тренер најмногу напредуваше?

Најголемо влијание кај мене имаше Делио Роси во Лацио. Тој ми беше тренер пет години. Ми даде вистинска шанса и кога играв лошо, секогаш веруваше во мене. Работевме многу и тактички и физички, бев млад, тренирав по два пати секој ден. Ние младите останувавме после тренинзите, добивавме дополнителни центар шутеви, вежбавме отворања, а тоа многу ми послужи подоцна.

Видеото и целото интервју може да го отворите ТУКА.