Фудбалскиот клуб Ренова добил двапати повеќе државни пари отколку најтрофејниот македонски фудбалски клуб Вардар и четирипати повеќе отколку Тетекс од спортскиот колач од 10 милиони евра што ги дели Агенцијата за млади и спорт, на чие чело е Наумче Мојсовски.

Откако државата го воведе спортскиот ваучер и се разделува колачот од вкупно 10 милиони евра предвидени за спортските клубови, не може да не помине без некој циркуз, а годинешниов е ваучерот за екс- фудбалскиот првак Ренова, пишува Инфомакс.

Ренова во јули годинава, непосредно пред стартот на Првата фудбалска лига, се повлече од натпреварувањето, но и покрај тоа од Агенцијата за млади и спорт доби 4,7 милиони денари.

Ваучерот за Ренова е десетти најголем по вредност меѓу фудбалските клубови, еден милион повеќе од Скопје кој имаа 11-ти најголем ваучер, а повеќе од два пати од тоа што добил Вардар (1,9 милиони денари), трипати од амбициозната Воска Спорт, четирипати од второлигашкиот тетовски бренд Тетекс.

Или уште подобра споредба, четири актуелни второлигашки кои играат фудбал на сениорско ниво и кои платиле котизација за настап од скоро половина од парите што сега ги добиваат од државата заедно едвај стигнуваат колку ваучерот на Ренова, која има само младински категории, без тим во сениорска конкуренција. Каменица Саса, Детонит Плачковица, Беса и Охрид Лихнидос заедно имаат вкупни ваучери од 4,4 милиони денари.

На подолгиот список од т.н. „спортски ваучер“ за фудбалските клубови крајот е урнебесен, зашто се поделиле и ваучери од по 35.000 денари за клубови кои скоро никој да не чул (ФК ЕС, ФК Скендербеу, ФК Ринија, ЗГ ФК Еден на еден, ФК Фит Кит…) и за кои главно прашање е што ќе развијат овие екипи со волку пари (колку за една-две кафеани и собиранки).