Еден од најпознатите бизнисмени во Европа и човек кој е близок до рускиот претседател Владимир Путин, сопственикот на англискиот ФК Челзи, Роман Абрамовиќ, доби неочекуван удар. Во овој момент, тој не може да влезе во Велика Британија бидејќи властите не му даваат виза.
Визата му истекла пред три седмици, а оттогаш британските власти не му ја продолжуваат не наведувајќи причина за тоа. Извори блиски до олигархот навеле дека барањето за виза не е одбиено, но дека властите сакале повеќе време за да ја обноват.
Тоа било и причината поради која Абрамовиќ не присуствувал на финалето од купот во саботата меѓу неговиот клуб и Манчестер јунајтед.
Како што е познато, односите меѓу двете земји се вжештени по последниот случај со труењето на двојниот шпион Скрипал.
По инцидентот, во Британија се појавија информации дека Абрамовиќ и други руски бизнисмени ќе бидат специјално проверени, откако властите добија право на достапност до информации за потеклото на капиталот кој има странски сопственици. Во случај некои од бизнисмени да одбијат да кажат од каде им потекнува капиталот, сопственоста може да им биде одземена.
Неодамна во Скопје британската премиерка Тереза Меј повика на општо обединување против Русија. Тоа само по себе покажуваше на кое ниво се односите меѓу двете земји и дека Британија ја смета Русија за непријател. Истовремено, американскиот претседател Доналд Трамп побара да биде сопрена изградбата на гасоводот Северен поток 2.
Наспроти тоа, неколку дена подоцна, германската канцеларка Ангела Меркел имаше срдечен состанок со Путин во Сочи, што од друга страна ја покажува поделбата во светот во однос на Русија меѓу земјите кои се сметаат за сојузници.