Комисијата за заразни болести денеска одржа состанок за состојбата со Ковид-19 и евентуална епидемија со мајмунски сипаници
Во однос на коронавирус состојбата е стабилна, има намалување на недената инциденца. Мерките за заштита нема потреба од дополнителни интервенции.
-Комисијата препорачува да се користат брзите антигенски тестови кои им се достапни на поголем дел од институциите како можност за брза дијагностика без дополнително граѓаните да се изложуваат на трошок за ПСР тестови, вели портпаролот на Комисијата, д-р Злате Мехмедовиќ.
Комисијата на состанокот покажа загриженост поради ширењето на мајмунските сипаници во светот.
-Целта на Комисијата е да го подготвиме системот колку што е можно подобро за да одговориме на евентуална епидемија и во нашата земја. Од тие причини денеска беа дискутирани клиничките патеки за следење, скрининг, дијагностика и третман за евентуално заболени пациенти од мајмунски сипаници и што би требало понатаму да се преземе за тие патеки да бидат точно дефинирани. Оваа епидемија која се јавува во светски размери не е проропционално идентична со пандемијата на Ковид-19, велат од Комисијата за заразни болести од каде истакнаа дека внимателно се следи ситуацијата.
Истакнуваат дека вирусот на мајмунски сипаници иако постои одамна, многу ретко се појавувал на овие простори.
-Дијагностичките и терапевтските процедури кои се достапни во светот се некако оскудни во овој дел од европскиот континент. Сите земји имаат проблем да обезбедат квалитетна дијагностика и третман на пациентите, меѓутоа ИЈЗ стапи во контакт со СЗО да се обезбедат посебни дијагностички сетови за дијагностицирање на мајмунските сипаници, преку ПСР тестирање. Се разговара и за набавка на терапиите кои може да бидат земени во предвид, истакнува Мехмедовиќ.