Номинацијата на Ципрас и Заев за Нобеловата награда за мир можеби има лукава цел, но несомнено, било кој грчки премиер да е номиниран, тоа е чест за земјата, вели поранешниот претседател на Нова демократија, а сега кандидат за европратеник, Евангелос Меимаракис во интервју за грчката новинска агенција АНА-МПА.
На прашањето дали е чест за земјата предлогот на 33 европратеници од 16 земји, за доделување на Нобеловата награда за мир на Алексис Ципрас и Зоран Заев, Меимаракис, меѓу другото ја повторува и позицијата на Нова демократија во однос на Договорот од Преспа, јави МИА од Атина.
-Објавувањето на номинацијата за време на предизборен период дава впечаток дека можеби е со лукава цел. Но, предлогот за номинација за Нобеловата награда за мир за кој било грчки премиер, несомнено е чест за земјата. Што се однесува на Договорот од Преспа, Нова демократија, опширно ја има анализирано нејзината позиција и јасно стави до знаење дека не е во согласност со духот од Букурешт. Грчката влада брзаше, без да објасни зошто. Функционираше еднострано, без да се стреми кон национален консензус што беше и барање на поголемиот дел од грчкиот народ, вели Меимаракис за АНА-МПА.