Британската премиерка Тереза Меј денеска накусо беше оневозможена да излезе од автомобилот кога стигна на средбата со германската канцеларка Ангела Меркел воБерлин, бидејќи се заглави вратата.

Како што јави Би-Би-Си, припадник на обезбедувањето на Меј се обидел да ја отвори вратата, но таа била блокирана.

Сепак, по неколку обиди, тој успеа да ја отвори вратата.

Меј допатува на средба со Меркел во Берлин, пред да замине за Брисел на разговори со претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер и со првиот човек на Европскиот совет, Доналд Туск, во пресрет на Самитот на ЕУ закажан за в четврток.

Британската премиерка на овие средби се обидува да го спаси постигнатиот Договор за Брегзит, откако вчера го одложи гласањето по него во Парламентот во Вестминстер, што беше предвидено за денеска.

Портпарол на Меј денеска соопшти дека гласањето ќе се одржи пред 21 јануари идната година.