Египетските власти ја ограничија продажбата на жолти елеци кои станаа симбол на социјалното движење во Франција и нивната продажба веќе е под полициска контрола, тврдат трговци од Каиро.

Продавачи во Каиро потврдија за западни агенции дека продажбата на такви елеци не е можна без дозвола. Според еден од продавачите, потребна е дозвола од полициска станица.

Сопственикот на уште еден мал бизнис се согласи да продаде дискретно жолт елек, но инсистираше: “Скријте го брзо! Продажбата на жолти елеци стана поопасна од продажба на дрога”.

Ограничувањата се воведуваат неколку недели пред осмата годишнина од востанието во 2011 година, кога од власт беше симнат претседателот Хосни Мубарак, а властите стравуваат од неовластени демонстрации.