Службени лица од пограничниот мексикански град Тихуан соопштија дека се уапсени 34 мигранти од карванот од средонамериакнските земји, кој на пат кон САД е во Мексико.
Мигрантите се уапсени поради поседување дрога, пијанства на јавни места, прекршување на мирот и попречување на полицијата, јавува Ројтерс, додавајќи дека тие ќе бидат депортирани во земјите од каде што потекнуваат.
Во главната колона со мигранти моментално има од 4 до 6 илјади мигранти.
Градоначалникот на Тихуан, Хуан Мануел Хастелум изјави дека не се чувствува пријатно поради тоа што пристигнува колона со мигранти, споредувајќи ги со 3.000 Хаиќани, кои биле во овој град минатата година на пат кон САД.
Но, градоначалникот, појаснува дека Хаиќаните дошле со документи и јасна визија, дека уредно пристигнале и никогаш не барале ни храна ниту сместување, пренесува Асошиејтед прес.
– Тие сами најдоа работа и се вклучија во економските текови на градот, изјави Хастелум, додавајќи дека Хаиќаните не предизвикале никаков неред.
Тој вели дека и сега колоната мигранти од Средна Америка „стигнала изненадно“ и дека некои од нив се однесувале „агресивно и надмено“.