Страшна е бројката на предлози на закони од страна на пратениците, а сите реформи или надградби на системите како само формално да ги правиме, изјави денеска Народниот правобранител на Македонија, Иџет Мемети.
– Правосудството во државата треба да е столбот или гарантот на функционирањето на системот. Сметам дека правиме малку напори за суштински да ги подобриме таквите системи. Не може да се подобри одреден систем ако само парцијално го гледаш, без разлика кој е тој систем. Не можеш да го подобриш правосудниот систем само со промена на закон. Факт е дека од тука почнуваат промените, но за да имаш сериозни промени треба сериозни анализи за состојбите што за жал кај нас при надградба на било кој систем многу малку се прават, изјави Мемети.
Тој вели дека трендот и заложбите на властите за подобрување на системите треба да биде постојан.
– Вториот дел што е многу поважен е колку ние после тоа создаваме услови тој систем или тоа што го зацртуваме во закон да го спроведеме? Никако! Ние само носиме закон, а од друга страна не издвојуваме средства да создадеме услови тој закон да се спроведе, од секаков аспект, од услови на судиите, од квалитет на судиите итн. Сите реформи или надградби на системите како само формално да ги правиме. Има една огромна разлика меѓу тоа што значи реална потреба од реформирање и желбите што ние ги имаме. Не може секој стандард што го гледаш да го прифатиш, а истиот после да ти создава проблеми и да не може да се спроведе. Голем проблем во РС Македонија се носењето на законите без длабоки анализи, додаде Мемети.
Ова, како што потенцира, не е критика до Собранието, ова е критика до нашето функционирање или до предлагачите на законите.
– Само да направите анализа да влезете во веб страницата на Собранието ќе видите кои се предлагачите на законите. Страшна е бројката на предлози на закони од страна на пратениците. И тоа за системски закони. За систем да смениш треба и тоа како да работи Владата со сите служби за да дојде до конзистентни и добри решенија, вели Мемети.
Додаде дека не се проблем само кадровските капацитети во судската власт, туку проблем е, како што рече, фундаментот, мрежата, начинот и условите.
– Има закон за финансирање на судската власт според кој треба да се издвојат 0,8 проценти од БДП, а ете колку се издвоија таму, не се почитува тој закон, не се издвојуваат ниту 0,3 проценти за тоа. Сакаме добри стандарди, но не сме на тоа ниво. Затоа треба што поблиски прописи до реалните состојби, подобро може да се спроведуваат и да функционираат, рече Мемети.