Денеска, 20 декември 2025 година, во Спортскиот центар „Борис Трајковски“ во Скопје, во организација на Здружението „Херои на Македонија 2001-2015“ и Министерството за одбрана, се одржува 25. Меморијален турнир во мал фудбал во чест на загинатите бранители од 2001 и 2015 година, припадници на македонските безбедносни сили.
На денешниот настан присуствуваа министерот за одбрана Владо Мисајловски кој го отвори турнирот, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски, претседателот на Здружението „Херои на Македонија 2001-2015“, Владо Стојановски, претседателите на репрезентативните синдикати на одбраната и на полицијата, како и членови на семејствата на загинатите бранители.
Во своето обраќање пред присутните, министерот Мисајловски ја нагласи жртвата која ја дадоа бранителите за Македонија, притоа не прашувајќи колку е потребно и додаде дека споменот кон бранителите нема да биде заборавен, а нивната жртва за татковината секогаш ќе се негува.
„Меморијалниот турнир што го отвораме денеска е посветен на луѓе кои во клучни моменти за државата не прашуваа колку е тешко, туку колку е потребно. Бранителите од 2001 година и загинатите припадници на безбедносните сили во 2015 година ја извршуваа својата задача професионално, дисциплинирано и со целосна свест за ризикот што го преземаат. Тие не бараа признание, тие ја прифатија одговорноста.“, нагласи министерот Мисајловски.

Претседателот на здружението „Херои на Македонија 2001-2015“, Владо Стојановски кажа: „Тие застанаа во одбрана на својата татковина, бранејќи го суверенитетот и интегритетот на Македонија, несебично ги дадоа своите животи, згаснаа млади сили, но секогаш ќе останат запаметени и вечно ќе живеат во колективната свест на македонците.“
Свое обраќање имаше и министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, кој истакна:
„Нивната жртва не е само дел од историјата, таа е вградена длабоко во темелите на македонската државност. Тоа е жртва која не обврзува, жртва која не учи дека слободата, безбедноста и мирот, не се дадени туку се вредности кои се бранат со храброст, со чест и со највисока лична цена. Нивното дело живее и ќе живее како завет и пример во професионалното и етичко постапување на секој припадник на безбедносните институции.“
На денешниот Меморијален турнир учествуваат 16 екипи од припадници на Армијата, Министерството за одбрана и Министерството за внатрешни работи, кои со своето присуство и спортски ангажман испратија јасна порака дека македонските бранителите кои ги положија своите животи во одбрана на татковината никогаш нема да бидат заборавени.




