Менаџерскиот тим на фабриката за шински возила „Колска“ ќе биде разрешен поради неиспорачување на резултати. Вработените од оваа фабрика денеска протестираа пред Владата барајќи исплата на заостанатите плати и решавање на проблемот со блокираната сметка на фабриката.
Премиерот Димитар Ковачевски попладнево на прес-конференција во Владата соопшти дека поради неиспорачување на резултати побарал директорот и менаџерскиот тим на фабриката да бидат разрешени.
-Како Влада во изминатиот период имаме доделено 35 милиони денари на тоа јавно претпријатие. Финансиските средства се истрошени, работниците немаат плата. Кога ги видовме извештаите дали е намален долгот во изминатиот период, дали е зголемено производството и услугата што тие ја даваат, дали се намалени трошоците, видовме дека не се. И затоа предложив на Влада, веднаш да бидат разрешени директорот и целиот менаџерски тим, надзорниот и управниот одбор. Со оглед на тоа дека излегов од седница на Влада за да ја одржиме оваа прес-конференција, доколку е завршена, претпоставувам дека тие се разрешени и дека таму ќе има нов менаџерски тим, рече Ковачевски.
Вработените од „Колска“ денеска протестираа пред Владата барајќи решавање на нивните проблеми. Вчера тие два часа го блокираа и патниот железнички сообраќај на железничката станица во Велес. Сметката на „Колска“ е блокирана поради заостанат долг од околу 650 илјади евра направен во периодот од 2013 до 2017 година.