Контроверзниот бугарски европратеник Ангел Џамбаски на социјалните мрежи отворено се спротивстави на кандидатурата на адвокатот и борец за правата на македонското малцинство во Бугарија, Тони Менкиноски, за судија што ќе ја претставува Македонија во Европскиот суд за човекови права. Тој притоа истакна дека „неприфатливо е Бугарија да дозволи ова лице да влезе во таква антинационална и затоа антибугарска организација како што е ЕСЧП“, бидејќи, биографијата на Менкиноски е, како што тој наведе, „повеќе од скандалозна“.

Менкиноски веднаш упати одговор кон Џамбаски, што „Нова Македонија“ го пренесува во целост.

Г-дин Џамбаски,

Кога веќе ме споменувате по име и се обидувате да ме дисквалификувате со политички квалификации, најмалку што можам да направам е да одговорам со факти – а не со лични напади. Токму фактите и европските институции јасно покажуваат дека прашањето кое го отвораме не е „антибугарско“, туку дел од долгогодишна правна и демократска дебата во рамките на Советот на Европа, а во корист на нас Македонците.

1. ВЕНЕЦИЈАНСКАТА КОМИСИЈА УШТЕ ВО 2008 ГОДИНА Ѝ ПРЕПОРАЧА НА БУГАРИЈА УСТАВНИ ИЗМЕНИ

2. КОМЕСАРОТ ЗА ЧОВЕКОВИ ПРАВА ТОМАС ХАМАРБЕРГ ДАДЕ ИСТОВЕТНА ПРЕПОРАКА

Во својот официјален извештај од 2008 година, комесарот Хамарберг: „изрази сериозна загриженост за ограничувањата на слободата на здружување во Бугарија, и ја повика државата да го измени Уставот за да се усогласи со европските стандарди“ . Ова повторно е документ на Советот на Европа – највисоката институција за човекови права на континентот.

3. И ДРУГИ ЕВРОПСКИ ИНСТИТУЦИИ ГО ДЕЛАТ ИСТИОТ СТАВ

Во изминатите две децении, повеќе тела на Советот на Европа, меѓународни правни експерти, па дури и европратеници од различни политички групации потврдија дека: „проблемот не е во малцинствата, туку во уставната рамка на Бугарија, која треба да се усогласи со европските демократски стандарди“. Значи, ова не е „измислица“ ниту мислење на едно лице. Тоа е меѓународен правен став кој постои многу години пред моето име некој да го спомене во бугарските медиуми.

4. НАМЕСТО ЛИЧНИ НАПАДИ — ФАКТИТЕ СЕ ЈАСНИ

Ниту сум антибугарски, ниту сум дел од каква било „кампања“. Јас само се повикувам на официјални документи на европските институции – институции што Бугарија сама ги прифатила како правно релевантни.

5. И КОНЕЧНО – МОЈАТА ПОРАКА КАКО МАКЕДОНЕЦ

Ние, Македонците – без разлика каде живееме – секогаш ќе се бориме мирно, демократски и упорно за нашите основни човекови права: правото на самоопределување, правото на здружување и правото на достоинство. Никогаш нема да се откажеме од овие вредности.
Не затоа што се против некого, туку затоа што се за слобода, еднаквост и почитување на човекот. И затоа ние Македонците никогаш нема да попуштиме пред никого. Ќе останеме цврсти и ќе продолжиме да ги надминуваме сите предизвици пред нас. Ова го докажавме во текот на изминатите два века. Ако некои не се свесни за ова, можам само да кажам дека е жално – бидејќи говорите исполнети со омраза и нетолеранција никогаш никому не донеле успех.