Во рацете држам еден допис кој е од министерот за транспорт и врски, Сугаревски, во кој образложува дека во предметот „Топлик“ нема материјална штета, рече на денешната прес конференција Тони Менкиноски, претседател на правна комисија при ВМРО-ДПМНЕ.

– Дополнително министерот Сугаревски, образложува дека штетата која е претпоставена од страна на Јавното обвинителство нема да ја побаруваат и дотолку повеќе господинот Сугаревски во крајната сентенца на неговиот допис наведува дека со постапката која се водела се заштитени имотните интереси и права на Република Македонија. Би сакал да потенцирам, да упатам една порака и прашања до одредени релевантни институции во Република Македонија кои не малтретираа со така наречени процеси, како што е процесот „Топлик“. Зошто и од која причина го премолчуваат овој доказ, поготово СЈО, кое има обврска согласно Законот за кривична постапка да ги достави сите докази кои се во штета, но и во полза на обвинетите, рече Менкиновски.

Да не заборавиме, продолжи Менкиновски, една од улогите на јавното обвинителство, согласно законот, е и да ги штити основните човекови права на обвинетите.

– Со овој доказ, со овој допис кој е доставен, со откажувањето на Министерството за транспорт и врски за оштетно побарување не постои кривично дело. Ние повеќе немаме предмет.  Јас не знам и од која причина се уште Јавното обвинителство го нема откажано гонењето по овој предмет и зошто го нема информирано судот и го нема повлечено обвинителниот акт, рече Менкиновски.

Сметам, додаде тој, дека е многу важно во целата оваа постапка овој прогон да заврши бидејќи овие докази се круцијални и битни за целиот предмет.