Германскиот канцелар Фридрих Мерц смета на тесна координација со Украина за да им помогне на украинските бегалци во Германија да се вратат дома, пренесе ДПА.
„Ќе имаме тесна координација за да им го олесниме враќањето во татковината на украинските граѓани кои пронашле засолниште тука“, рече Мерц денеска за време на состанокот со украинскиот претседател Володимир Зеленски во Берлин.
Мерц рече дека германската Влада, исто така, ќе ги поддржи напорите на Киев да го намали бројот на мажи на возраст за воена служба што ја напуштаат Украина, истакнувајќи дека ова е „во интерес на двете страни“.
Зеленски рече дека многу млади луѓе на возраст за регрутација ја напуштиле земјата кршејќи ги украинските закони.
„Нашите одговорни власти или оние на соодветните земји мора да се справат со ова прашање“, рече тој, пренесе германската агенција.
Украинскиот претседател се осврна на ова како на прашање на правдата, бидејќи многу војници на фронтот чекаат да добијат замени. Тој рече дека секој украински граѓанин на возраст за регрутација кој има сила да го стори тоа има уставна должност да преземе одговорност.
Од целосната руска инвазија во 2022 година, во Украина се во сила воена состојба и мобилизација, што значи дека мажите кои се регрутирани имаат право да заминат во странство само во исклучителни случаи.
Минатата година, Киев им овозможи на младите мажи под 23 години повторно да ја напуштат земјата.
Украинскиот министер за социјални работи Денис Уљутин неодамна го процени бројот на млади мажи на возраст меѓу 18 и 23 години кои ја напуштиле земјата од август 2025 година на околу 400.000, врз основа на податоците од ЕУ.
Уљутин рече дека новиот центар за поддршка во Берлин треба да им помогне на украинските граѓани во процесот на враќање, како и во нивниот живот во Германија, и да им помогне да ги одржат врските со својата татковина.
Таканаречениот „Јунити Хаб“ – прв од ваков вид во Европа – утре треба да биде отворен за јавноста. Слични центри се планирани за Чешка и Шведска, рече Уљутин.
Украинците можат да добијат документи за идентификација или совети за признавање на училишни и стручни квалификации во „Јунити Хаб“. Оние кои сакаат да се вратат во Украина можат да добијат и помош при наоѓање работа и домување, или поддршка за започнување бизниси, потестува ДПА.




