Новиот германски канцелар, конзервативниот Фридрих Мерц, синоќа во телефонски разговор му вети на украинскиот претседател Володимир Зеленски континуирана поддршка во војната со Русија.
-Федералниот канцелар ја потврди солидарноста на Германија со Украина, која може да смета на поддршката од новата германска Влада, изјави владиниот портпарол Стефан Корнелиус два дена по изборот на Мерц за канцелар.
Двајцата лидери се согласија дека Русија „мора да прифати прекин на огнот“ и ги пофалија „напорите“ на американскиот претседател Доналд Трамп, рече Корнелиус, додавајќи дека Зеленски му честитал на Мерц за преземањето на функцијата.
Од почетокот на руската инвазија во февруари 2022 година, Германија е втор најголем снабдувач на воена помош за Киев, по САД.
Поранешниот германски социјалдемократски канцелар Олаф Шолц го поддржа Киев, но одби да ги испорача крстосувачките ракети со долг дострел „Таурус“, објаснувајќи дека сака да избегне ескалација со Москва, додека Мерц рече дека е отворен, под одредени услови, за испорака на ракетите.
фото:МИА архива