Германскиот министер за надворешни работи Јохан Вадефул денеска повика на темелни реформи во Обединетите нации, за време на Генералното собрание на ОН во Њујорк, на кое германскиот канцелар Фридрих Мерц не присуствува поради домашната политичка криза.
– Дали навистина сакаме да дозволиме бродот во кој се наоѓаме да продолжи да плови кон превртување? Или сакаме да ги здружиме силите и да го свртиме кормилото? – ги праша Вадефул новинарите на маргините на Генералната дебата.
Вадефул ја предводи германската делегација на заседанието откако канцеларот Мерц одлучи да остане во земјата за да се справи со внатрешните прашања, по поразот што неговата партија го претрпе на покраинските избори во неделата.
Предупредувајќи дека светот се наоѓа во „состојба на постојана ескалација“, а ОН — чија примарна задача е спречување конфликти — се наоѓаат во немирни води, Вадефул нагласи дека светската организација мора итно да стане поефикасна.
„Ни се потребни функционални ОН кои ќе се справуваат со главните глобални прашања, ќе играат клучна улога во решавањето на конфликтите, а нема само да управуваат со нив. На ОН им е потребен дух на обновување“, истакна шефот на германската дипломатија, додавајќи дека идниот генерален секретар ќе мора решително да го предводи процесот на реформи.
Актуелниот генерален секретар Антонио Гутереш се повлекува од функцијата на крајот на годината, по два мандата и десет години на чело на организацијата. Во моментов за негов наследник се натпреваруваат осум кандидати, но засега нема изразит фаворит.




