Денеска беа изнесени завршните зборови во случајот со набаката на фамозниот блиндиран мерцедес, во кој, патем, каква иронија, во истите часови, се возеше и британската премиерка, со што веројатно имаме уникатен случај во историјата – предмет на кривично дело (според СЈО) да е во служба на премиер на странска држава, членка на Советот за безбедност, која дојде овде да ни каже колку сега ни е добро под власта на Зоран Заев, човекот кој ја седна во „криминалниот“ мерцедес.
Како и да е, на денешното последно рошиште од првиот степен на процесот, не чувме нишо ново. Освен дека Груевски и остантите се обвинети… за што? Навистина, знае ли некој разумен, настрана шарената банда гаврани, за што всушност се води овој случај? Од тоа што можевме да чуеме, СЈО не спори дека имало потреба да се набави блиндирано возило, ама спорно било што земјата била во криза, а возилото било скапо. И ете ја колосалната глупост на која се надоврзува друга колосална глупост – а тоа е прифаќање на обвинението од судијката Кацарска и тормозење и на обвинетите и на јавноста со овој случај. Оти логика во него нема. Ни човечка, за правна и да не зборуваме. Зашто по истата логика, и лековите и реагенсите за докажување на некои ретки болести се скапи, земјата е во економска криза од пред 30 години, па зошто тогаш да се трошат пари за нив кога и онака од некои болести заболуваат еден човек на 100.000. Но, зошто да се занимаваме со ретки болести, кога тука ни е, не дај Боже, ракот, оној во поодмината фаза. Знаете ли колку чини хемотерапија, зрачење, прегледи, лежење по болници, за на крај пациентот повторно да умре? А земјата е во криза. Која будала тогаш арчи пари за однапред загубена битка, освен во по некој случај? Скапи се компјутерските и магнетните снимки, а земјата и натаму е во економска криза.
Од друга страна, истата логика вели дека ако го имавме овој мерцедес во 1995 година, Киро Глигоров немаше за малку да отиде курбан. Повторно истата логика вели дека ако имавме посовремен авион, можеби немаше да настрада ни Борис Трајковски. Тоа се две кризи во државата кои можеа да се спречат со неколку стотини илјади или неколку милиони евра, кои и онака се украдени од некој олигарх под партсика заштита. Всушност, бадијала зборуваме за логика кога едноставно надвор од здравиот разум е да гоните некого зашто извршил, според сите законски прописи, без провизија,без никаква злоупотреба, јавна набавка. Дали тоа значи дека според логиката на СЈО и Кацарска, ако утре некој купи нов апарат за комјутерско или магнетно снимање на пациентите, ако тој апарат биде од последната генерација, што значи и најскап, некој обвинител и судија можат да си дозволат да вршат проценка дали таков апарат навистина ни треба, кога според истиот обвинител и судија, постојните седум за магнетно снимање можеби се сосема доволни? И мора ли, кога земјата е во криза, да се набавува најскапиот, најновиот односно тој од последната генерација, кога и старите се добри? Зошто тогаш, шутраци едни, полицајците уште не се возат во старите југо-а?
Зачудува зошто исто такво обвинение нема ни за градбата на театарот, музеите, па ако сакате и за нови болници.? И стариот театар вршеше работа, а болнички кревет си е болнички кревет. И тој од 1945 и тој произведен во 2018 година. Нормално, тој од 2018 година има разни механизми, па не знам каков душек, сето тоа чини пари, а по ѓаволите, што им фалело на болните во 1945-та и без нив, во оние стари железни кревети? Па, нели сите велиме дека тогаш луѓето биле поздрави? Ах, да, да не заборавиме, секоја инстутиција има клима уред. А добро, што му фалело на Колишевски без тоа? Или зар на АСНОМ на 2 август 1944 година во Прохор Пчински имале клима уреди? Ви се молам. Сето тоа е неразумно трошење пари и секако, за обвинение кај Кацарска. Патем, зар не се четиритте милиони евра годишно за СЈО неразмно трошење пари, а со тоа и кривично дело?
Како и да е, ова е случај во кој Кацарска уште при приемот на обвинението требаше да го скине на парчиња и да го исфрли обвинителот од СЈО од судницата како човек кој си поигрува, тера мајтап со нејзината струка. Таа тоа не го направи и со тоа дозволи секој да може сега да тера мајтап со нејзе, отворено сомневајќи се и во профитерска шема. Но, на крајот, тоа не е толку битно колку што е битно дека не постои можност да се долови апсурдноста на овој случај, како што не постои можност, не постојат зборови да се долови катастрофата што во овој момент се случува со правниот систем на РМ, меѓудругото и токму низ призмата на овој случај. При што веројатно ниту еден од оние странци што тропаат глупости за демократијата во РМ од доаѓањето на Заев, не е свесен дека во буквална смисла на зборот се глупира и дека граѓаните на РМ тоа го препознаваат.
Но, да се вратиме на почетокот и прашањето: Во што е всушност криминалот во овој случај? Ако нема провизии, ако нема натплатен автомобил, ако неговата набавка била нужна (а судија или обвинител се последни на овој свет што тоа можат да го оценуваат) тогаш за што беше целиот процес?
Се на се, еден во основа срамен случај во кој самата Кацарска сега има два избора: едниот е да биде послушна до крај, да доиенсе осудителна пресуда и од тоа да профитира, надевајќи се дека овој сегашен систем, чија инсталација започна веднаш по изборите во 2014 година ќе потрае, а вториот избор е да се држи до правните прописи на РМ, барем ан крајта од случајот. Што и да одбере, нема да може да ја измие дамката од себе, но сепак, втората опција нуди барем елемнтарно чесно извлекување. А првата опција? Ха, тоа е веќе друга приказна.
Дарко Јаневски